Министерката за одбрана Радмила Шекеринска неделава ги запозна амбасадорите на земјите-членки на НАТО во Македонија со напредокот во изработката на клучниот документ во одбраната Стратегиски одбранбен преглед.
– Нашата цел е да имаме мала, модерна и флексибилна армија, која ќе го има своето место во НАТО – рече Шекеринска на средбата.

Таа изрази благодарност за поддршката до владите на Соединетите Американски Држави и Велика Британија, кои испратиле советници што помогнале во изработката на Стратегискиот одбранбен преглед, како и на НАТО-канцеларијата во Скопје и на другите земји-членки што го дале својот придонес. Министерката го изразила и очекувањето на Владата за поддршка за Македонија на претстојниот самит на НАТО.
Од друга страна, американскиот амбасадор Џес Бејли изјави дека може да посведочи за вредната работа на компетентни лица од Министерството и армијата, во соработка со американските и британските експерти.

Британскиот амбасадор Чарлс Гарет, пак, рече дека реформите во одбраната се важни не само за Македонија и регионот туку и за колективната безбедност.
Според соопштението до медиумите од кабинетот на министерката за одбрана, последниот Стратегиски одбранбен преглед бил донесен пред 14 години.
– Министерството за одбрана се обврза новиот документ да биде донесен до крајот на јуни, а неговата изработка навлезе во завршна фаза – се вели во соопштението.
Во меѓувреме, хронолошки гледано наназад, Македонија својот прв сеопфатен документ во оваа насока го објави во 2003 година. Пет години подоцна, во 2008-та, Владата на РМ во својот дел на обврските публикува документ насловен Национална концепција за безбедност, а две години подоцна, во 2010-та, од страна на кабинетот на претседателот беше донесена Стратегијата за одбрана на Република Македонија, која веќе не е во сила, а нејзиното обновување беше забавено од долгата политичка криза што владееше во земјата.

Добро упатените извори брифираат дека, за жал, актуелната стратегија е со поминат рок, анахрона и неефикасна за да може да послужи како рамка за решавање на мутираните безбедносни предизвици со кои се соочува нашата држава, па токму затоа еден од врвните приоритети на Министерството е ставањето во сила на „Стратегискиот одбранбен преглед“.

Последниот документ произлезе од Уставот на Република Македонија, Законот за одбрана, „Стратегијата за национална безбедност и стратегиската определба на Владата на Република Македонија за интеграција во евроатлантските структури“.
Стратегијата е јавен документ, а според надлежните институции, е усогласена со обврските и одговорностите што ќе произлезат од идното членство на Република Македонија во НАТО и во ЕУ, преку активното учество во Партнерството за мир (ПзМ), Процесот за планирање и преглед на силите (ПАРП), Акцискиот план за членство во НАТО (МАП) и Европската безбедносна и одбранбена политика (ЕБОП).
Во документот стои дека одбранбените капацитети на државата се ставаат во функција на заштита на националните одбранбени интереси и вредности и состојби, кои директно произлегуваат од темелните вредности утврдени во Уставот на Република Македонија.
– Траен интерес на РМ претставува зачувувањето на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет и унитарниот карактер на државата како суштествена рамка за зачувување и унапредување на државниот идентитет на Република Македонија и слободно негување и изразување на етничкиот и културниот идентитет на сите граѓани – пишува во постојната стратегија.
Во безбедносната документација се истакнуваат и виталните национални интереси на земјата, кои се дефинирани како заштита и унапредување на мирот и безбедноста, на животот и здравјето, на имотот и личната безбедност на граѓаните, зачувување и унапредување на демократските вредности на државата, човековите слободи и права, владеењето на правото, политичкиот плурализам, начелото на поделба на власта, заштита на културниот идентитет и наследство на сите граѓани на Република Македонија.

Дополнително на безбедносно ниво, изминатиов период Македонија изработи и стави во сила два стратегиски пристапа со кои земјата во наредните четири години ќе се заштитува себеси и своите граѓани од растечките опасности што ги носат тероризмот и насилниот екстремизам.
Овие два државни документа се насловени Националната стратегија за спречување насилен екстремизам (2018-2022) и Националната стратегија за борба против тероризам (2018-2022). Двата стратегиски документа се со важност до 2022 година и се изработени од Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.