Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека од утре во осум часот ќе бидат затворени сите гранични премини.
„Во Србија има 103 случаи на коронавирус. Ја надминавме бројката од 100. Од тие 55 се во болница, а шест се во тешка состојба и се приклучени на распиратор. Очекуваме во деновите што доаѓаат, а тоа го гледаме и по реакциите на лекарите, понатамошно зголемување на бројот на заразените. Инфективната клиника во Белград е речиси полна, преминуваме на болницата ‘д-р Драгиша Мишовиќ’“, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Двајца пациенти денеска биле отпуштени од болница.
„Периодот на лекување не е краток“, рече тој.
Вучиќ најави уште поостри мерки.
„Од утре во 8 часот се затвораат сите граници за патен, железнички и речен сообраќај. Освен товарни камиони никој не може да влезе во Србија“, рече Вучиќ.
Тој кажал дека 81.180 српски државјани, главно од Германија, Австрија, Италија и Франција во изминативе недели дошле во Србија.
Вучиќ најави дека цела Србија ќе има заштитни маски следната недела.
„Секој што нема денес маска, ќе има следната недела. Во понеделник вечер и вторник наутро ќе имаме 10 милиони маски, кои најпрво ќе ги дистрибуираме до институциите, па до народот“, рече Вучиќ.
Тој ги повика граѓаните да не создаваат залихи со основните прехранбени производи, оценувајќи дека Србија е земја во Европа која моментно ги има најполните продавници.