Во Уметничката галерија на Локалана установа Градски музеј Крива Паланка вечерва ќе биде отворена клупската изложба на фотографии од фото – клуб Куманово –„ Тумба“, со што официјално ќе биде отворено петтото издание на „Малинскиот фото фестивал“.

Годинашното јубилејно издание на фестивалот ќе се одржи во пет града, а ќе бидат претставени над 400 фотографии од 80-тина реномирани домашни и странски фотографи.

– Во знак на петте години на одржување на празнувањето на фотографската уметност, организаторот – Фото клуб „Куманово“ подготви досега најбогата програма, со гостувања на врвни фотографски имиња. Свеченото отворање е вечерва, во уметничката галерија на локална установа Градски музеј, Крива Паланка, а покрај кривопаланчани, во волшепствата и импресиите на фото-објективот на уметници од шест држави ќе уживаат жителите на Куманово, Свети Николе, Кратово и Штип. И годинава ја имаме честа да се дружиме со пријателите-фотографи од Азербејџан, Полска, Турција, Србија, Босна и Херцеговина, како и бројни учесници од Македонија, информира Викторија Златковиќ од фото-клуб „Куманово“.

На официјалното отворање вечерва, во 19 часот и 30 часот, прва изложба на програмата е Клубска изложба – избор фотографии од курсисти на Фото клубот-домаќин и организатор на настанот.

– Годинашната програма на фестивалот е богата: опфаќа пет самостојни изложби, три клупски и една меѓуклупска изложба од натпреварувачки карактер. Она што е карактеристично годинава е историскиот осврт на македонската фотографија, со акцент на проектот за Малински фото-фестивал, кој ќе влезе во историјата на фотографството во државата. На првата програмска вечер во Куманово, 25 мај, во Тетар Куамново свое излагање за проектот насловено „За Македонцката фотографија“ ќе имаат Владимир Јовановски и Стефан Илиевски, додека на 26-ти ќе бидат поставени меѓуклупската изложба „Круг 2018“, како и неколку самостојни и клупски изложби од странски и домашни автори. Последниот ден, 27 мај е резервиран за Кратово, каде ќе ги погледнеме самостојната изложба на Ивона Кочов, од Фото кино-клуб „Битола“, клупска изложба на универзитетски Фото-кино клуб „Бања Лука“, а и ќе се дружиме со гостите-фотографи на традиционалното фото-сафари, додава Златковиќ.

Фото работилницата со која ќе раководи претседателката на клубот, Марина Крстиќ, со ученции од СОУ „Кочо Рацин“, Куманово е она што ќе го надополни и комплетира мозаикот на искуството, квалитетот, вонвременските експресии на фотографијата, која ја бележи традицијата и испишува историјата. Фестивалот ќе трае до 27 мај.