ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство на Вилма Русковска да поведе постапка за криминалните активности на доскорешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев, а доколку не го стори тоа, партијата порача дека Обвинителството ќе биде соучесник во неговиот криминал за што ќе има одговорност кога ќе се воспостави правната држава и владеењето на правото во Македонија.

Партијата ги охрабрува сите надлежни органи, како Антикорупциска и другите институции да продолжат со своите активности во утврдување на нерегуларностите.

Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес-конференција потсети на скандалот што го обелодени неделникот „Фокус“, според кој Дончев лани во период од само 6 месеци примил 3.120.006 денари, односно над 50.000 евра од страна на австралиската „Мегантик“, кои се исплатени од страна на фирма со исто име од струмичко Муртино, чие седиште е во деловниот центар „Глобал“. Компанијата од која Дончев земал пари рапидно го зголемила својот приход во 2019 година, време кога Дончев е директор на ФЗОМ, за разлика од 2013 година, кога истата била формирана. Имено во 2019 година, кога и му исплатила пари на Дончев истата остварила приходи од 25,5 милиони денари, за разлика од 2013 година кога имала само 3,5 милиони денари приходи.

– Криминалите и законските прекршувања на омилениот играч и рекетар на Заев, Ден Дончев, немаат крај. Дончев е вплеткан во бизнис мрежа која се протега од струмичко Муртино, преку Мелбурн во Австралија до Манчестер во Англија, во која се поврзани фирми од кои тој земал милиони додека истовремено директорувал со ФЗОМ, обелоденува неделникот „Фокус“. Парите кои Дончев ги примил за време додека бил директор на ФЗОМ, се земени во спротивност на чл. 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Дончев де факто и де јуре го прекршил законот, кој е дециден дека избрано и именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата на неспоивост на функцијата која ја врши со други функции или дејности, но и јасно прецизира од што смее, а од што не избрано и именувано лице да остварува дополнителни приходи. Хонорар или плата за консултантски услуги не се меѓу нив – рече таа.

Стојаноска реагира што за овие нелегални активности на Дончев сѐ уште нема реакција од Јавното обвинителство.

– ЈО иако известено, свесно дозволило Дончев да продолжи со нелегалните активности – додаде таа.