„Инвестираме преку 1 милијарда евра во целокупната инфраструктура во земјата. Станува збор за најголемите инвестиции направени било кога досега“ – изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешната работна посета на општина Свети Николе.

При посетата на општината, министерот Горан Сугарески, заедно со градоначалникот Сашо Велковски, изврши увид во градежните работи за изградба и реконструкција на водоводни и канализациони линии во повеќе населени места во Свети Николе.

Проектот за подобрување на комуналната инфраструктура во општината е со вредност од околу 14 милиони денари. Градежните работи започнаа во месец април и се очекува да завршат за околу 2 месеци.

„Оваа Влада максимално одговорно и посветено работи на подобрување на животот во секое населено место. Граѓаните можат и сами да забележат дека низ целата држава активно се градат патишта, водоводи и канализации, ја гасифицираме земјата, градиме социјални станови и реализираме ред други проекти и покрај здравствената криза со која се соочуваме. Само во Источниот регион инвестираме околу 100 милиони евра во инфраструктурни проекти, а граѓаните на Свети Николе најдобро можат да сведочат за нашите заложби. Ќе споменам само дел од проектите во Свети Николе и околината: го изградивме автопатат од Скопје до Штип, работиме на подобрување на водоводните и канализационите линии низ градот, градиме 48 социјални станови во Свети Николе, годинава ќе го рехабилитираме патот од Горубинци до Сушица, активно ги градиме двата експресни патишта од Штип до Кочани и до Радовиш, а Министерството за транспорт и врски обезбеди 850 илјади евра за санација и изградба на локални патишта и улици во Свети Николе. Јасно е дека се наоѓаме сред силна градежна сезона, работите на терен насекаде се интезивирани, а во следниов период нè чекаат нови проекти со што очекуваме раст на градежништвото и излегување од економската криза која настана како последица на корона вирусот“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Министерот Сугарески истакна дека со донесувањето и на третиот пакет економски мерки со вредност од 355 милиони евра и чија цел е директна поддршка на 730 илјади граѓани, Владата обезбедува вкупно 550 милиони евра за стимулирање на економијата, поддршка на домашното стопанство, задржување на работниците во работен однос и создавање можности за отворање на нови работни места.

Градоначалникот на општина Свети Николе, Сашо Велковски изјави дека со проектите кои моментално се реализираат во општината, се решаваат проблемите со кои граѓаните се соочувале со децении наназад.

„Проектот за подобрување на комуналната инфраструктура во овој дел од општината опфаќа изградба на канализација во должина од 3 километри и водовод во должина од над 300 метри. Веќе дваесет години населението во овој дел на Свети Николе се соочува со големи проблеми со водоснабдувањето и канализационите линии, особено при силни и долготрајни врнежи. Градежните работи во ова населено место се веќе при крај, а веднаш потоа продолжуваме со силно темпо да работиме и на подобрување на комуналната мрежа на ул. „Кнежевски пат“, „Рудина“ и „Васка Циклева“, како што е предвидено со проектот. Истовремено работиме и на локалната патна мрежа, рехабилитирајќи патишта кои не биле чепнати 50 години и решавајќи проблеми со кои граѓаните се соочуваа со децении“ – изјави градоначалникот на општина Свети Николе, Сашо Велковски.