Mинистерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов денеска извршија увид во градежните работи за рехабилитација на регионалниот пат Раец-Фариш.

Инвестицијата е со вредност од 1,5 милиони евра.

Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески градежните работи се одвиваат со засилено темпо и се очекува рехабилитацијата на патот и мостовите на патниот правец Фариш-Дреново да биде завршена во текот на следниот месец.

„Оваа делница е од големо значење за Прилеп, Битола, Ресен и за целиот Централен дел на земјата, па затоа даваме посебно значење на неговата рехабилитација со цел да ја зголемиме безбедноста на патот и го олесниме сообраќајот. Она што сакам да нагласам е дека оваа есен продолжуваме со рехабилитација на делот од Фаришка клисура комплетно до Прилеп со изградба на трета лента онаму каде што недостига, со што целата патна врска од Градско до Прилеп наскоро ќе биде рехабилитирана. Предвидени се уште многу други проекти во делот на патната инфраструктура, со силно темпо работиме на изградба на магистралниот гасовод Неготино-Кавадарци-Прилеп-Битола, а исто така градиме и реконструираме водови и канализации низ повеќе населени места во регионот. Генерално, капиталните инвестиции ги подигнавме на повисоко ниво од претходната година, градежната сезона е пред нас и уверуваме дека во следниот период ќе се работи со уште позасилено темпо“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов истакна дека за околу една година целосно ќе биде рехабилитиран и реконструиран патниот правец од Фариш кон Прилеп.

„Секаде каде што се две ленти, ќе има изградба на трета лента. Тендерот за реконструкција на патниот правец Фариш-Прилеп е завршен и наскоро ќе отпоче да се работи. За рок од една година целосно ќе биде рехабилитиран и реконструиран патот од тука до Прилеп и по целата должина ќе биде со три ленти. Во тек е изградбата на експресниот пат Градско-Дреново, за десетина дена го објавуваме новиот тендер за доизградба на експресниот пат од Фариш до Дреново и веднаш потоа ќе започнат градежните работи. Сакам да истакнам дека ќе започнеме со монтажа на звучните бариери на обиколницата Битола, а наскоро ќе започне и комплетна рехабилитација на патниот правец Битола – Меџитлија. Исто така, кога сме кај Пелагонискиот регион сакам нагласам дека ќе бидат рехабилитирани 7 регионалните патишта со вкупна должина од околу 145 километри и вредност од 25 милиони евра меѓу кои Крушево-Демир Хисар, Битола-Демир-Хисар, Демир Хисар-Другово и Кривогаштани-Крушево. Во тек е изработка на проектот за изградба на автопат Прилеп-Битола, а во август месец очекувам да биде завршен проектот за изградба на експресен пат Битола-Меџитлија“ – изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.