Претседателот на САД, Доналд Трамп, се закани дека ќе испрати војска на улиците за да ги задуши граѓанските немири во државите поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд при апсење.
Тој кажа доколку државите и градовите не успеат да ги контролираат протестите и да ги заштитат своите граѓани дека ќе ја мобилизира војската и дека брзо ќе го реши проблемот за нив, пренесе Би-би-си.
„Се заколнав дека ќе ја бранам Америка и ќе го направам тоа. Правдата за Флојд ќе стигне, но не можеме да дозволиме на насилните демонстранти да ги загрозат нашите мирољубиви граѓани. Јас сум сојузник на сите мирни демонстранти, но тоа е нарушено со професионалните анархисти, антифи и други“, кажал тој.
Трамп рекол и дека храбрите медицински сестри кои се борат против коронавирусот се плашат да излезат од дома.
„Правда, а не хаос, е нашата мисија, и ќе успееме 100 отсто. Нашата земја секогаш победува. Затоа преземам моментална претседателска акција, ќе ги мобилизирам сите цивилни и воени ресурси. Ќе испратам илјадници тешко вооружени војници и претставници на законот да го запрат вандализмот“, кажал Трамп.
Најавил дека полицискиот час ќе биде стриктно почитуван.
Потоа Трамп позирал пред една оштетена црква, предизвикувајќи критики дека ги користи мирните демонстранти како прилика за сликање.
Тој не дозволил никакви прашања и најавил дека ќе оддаде почит на посебно место.
Репортерските камери го снимиле претседателот како шетал на тревникот на Белата куќа и дека се упатил кон блиската црква Сент Џон.
Оддавањето почит на Трамп било сведено на позирање со Библијата пред црквата.
Во тој момент, полицијата со солзавец и гумени куршуми пукала кон мирните демонстранти во близина на Белата куќа, пренесе „Ројтерс“. Фотографот на „Ројтерс“, Џонатан Ернст, бил сведок на полициска рација врз демонстрантите во паркот Лафајет, покрај претседателската резиденција.
Протестите траат веќе седум дена. Протестите избувнаа низ целата земја поради смртта на 46-годишниот Афроамериканец Џорџ Флојд, кој починал откако бел полицаец го притиснал со коленото на вратот на земја скоро девет минути додека го апсел, по што Флојд изгубил воздух и починал. Како што пренесоа американските медуми, полицаецот го апсел Флојд по пријава дека се обидел да купува со лажна банкнота од 20 долари.