УЕФА исплати 236.5 милиони евра на своите 55 членки за да помогне со справувањето со пандемијата на корона вирусот, потврди првиот човек на европската куќа на фудбалот, Александер Чеферин.

Секоја членка на УЕФА, вклучувајќи ја и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ќе добие по 4.3 милиони евра од фондот посветен за развој, но секоја федерација самостојно ќе одлучува кои се приоритетите во текот на кризата.

„УЕФА сака да помогне на членките да одговорат на предизвикот кој е специфичен за секоја земја. Затоа 4.3 милиони евра по асоцијација, кои ќе бидат исплатени за оваа сезона и следната и дел од фондот за инвестиции ќе може да го искористат на начин кој сметаат дека е најпогоден за обнова на фудбалската заедница“, вели Чеферин во известувањето.

Фудбалот во речиси сите европски земји е паузиран од март, а минатата недела УЕФА предаде околу 70 милиони евра како компензација на клубовите однапред за да се помогне да се надмине кризата.