Фејсбук почнува со нова услуга – „Продавници“ (Shops) – што ќе им овозможува на бизнисите да изложат и продаваат производи на платформите на најголемата социјална мрежа во светот. Тоа го најави извршниот директор Марк Цукерберг.

„Мислам дека ова е особено важно сега затоа што многу мали бизниси се преместуваат на интернет за справување со економските последици од ковид-19“, напиша Цукерберг на личниот профил на Фејсбук.

Според него, мрежата ќе работи во соработка  со Шопифај (Shopify) и седум други платформи за онлајн трговија.

Интернет-продавниците ќе бидат достапни преку Фејсбук и Инстаграм, ќе има и опција за плаќање преку платформите, а клиентите ќе можат да комуницираат со трговците преку WhatsApp и Messenger.

Услугата „Продавници“ ќе биде бесплатна за бизнисите и се очекува да го зголеми интересот на потрошувачите и тоа ќе доведе до зголемување  на платено рекламирање.