Франција, Велика Британија и Германија се решени да продолжат да го спроведуваат иранскиот нуклеарен договор и истовремено да работат на нов и посеопфатен.

– Ќе останеме дел од договорот. Нашите влади се одлучни да го гарантираат спроведувањето на договорот и ќе работат на тоа со останатите земји кои се вклучени во него. Ги повикуваме САД да се зачуваат структурите на договорот и да се избегне каква било мерка која би спречила негова целосна примена од другите земји, се вели во заедничката изјава на францускиот претседател Емануел Макрон, британската премиерка Тереза ​​Меј и германската канцеларка Ангела Меркел.

Тројцата лидери изразуваат жалење и загриженост по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се повлече од иранскиот нуклеарен договор, кој според нив, е од особено значење за заедничката безбедност.

Исто така, тие потсетуваат дека Меѓународната агенција за атомска енергија оцени оти Иран продолжува да ја почитува заложбата да не развива нуклеарно оружје. САД и Израел сметаат дека Техеран го крши договорот.

Тројцата европски лидери го повикува Иран да покаже воздржаност во одговорот на американската одлука и да продолжи да ги почитува своите обврски од договорот. Во замена, Техеран ќе продолжи да има корист од укинувањето на економските санкции од другите земји-потписнички на документот.

Париз, Лондон и Берлин сакаат и да се подготви нов, сеопфатен договор за нуклеарната програма на Иран по 2025 година, за неговата ракетна програма и за неговите „дестабилизирачки регионални активности, особено во Сирија, Ирак и Јемен“.

Иранскиот претседател Хасан Рохани претходно изјави дека сака во следните недели Техеран да разговара со Европејците, Кинезите и Русите за да се види дали тие можат да ги гарантираат интересите на Иран по повлекувањето на САД од нуклеарниот договор.

Виската претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини ја повика меѓународната заедница да се придржува кон договорот и покрај одлуката на Трамп.

Иранскиот договор ја „исполнува својата цел да се осигура дека Иран нема да развива нуклеарно оружје и ЕУ е решена да го зачува”, рече Могерини.

– Не дозволувајте никој да го раскине тој договор. Тоа е еден од најголемите успеси на дипломатијата и ние го постигнавме заедно”, се обрати Могерини кон иранските лидери и граѓани. – Продолжете да ги спроведувате вашите обврски и ние ќе продолжиме да ги извршуваме нашите. Заедно, со останатиот дел од меѓународната заедница ќе го сочуваме нуклеарниот договор, изјави Могерини.