Македонската демократија и начин на владеење забележува мало подобрување, прв пат од 2010 година, оценува Фридом Хаус во извештајот Нации во транзиција, кој ги оценува демократските реформи во 29 поранешни комунистички држави од централна Европа и Азија.

Во извештајот се наведува дека меѓу светлите точки во минатата година е Македонија. Се нагласува дека смената на власта во Македонија во јуни лани донесе шанса да се смени долгогодишното запленување на државата и да се решат долготрајните спорови со соседите кои го попречуваат развојот на земјата. Во извештајот Македонија и натаму е во групата земји „преодна влада или хибриден режим“.

Македонија има најдобар резултат во областа граѓанско општество, а најлош резултат во независноста на медиумите.

 Фридом хаус констатира дека во Централна и Источна Европа нападите врз опозициските партии, печатот и невладините организации стануваат норма, а ширењето на нелибералната политика ги поткопува темелите и изгледите за демократија.

Во 23-тото издание на годишниот извештај на Фридом хаус за демократијата во Централна и Источна Европа, Балканот и Евроазија, се наведува дека нациите во транзит го регистрираа најголемиот пад во 23-годишната историја на проектот: 19 од 29 земји забележуваат пад на демократија.