Ние сме најмладата земја на Балканот, нашата економија и стопанство е најмала, но имаме најмлада популација која создава притисок во однос на дигитализацијата. Сепак, пристапот до интернет сè уште е во постапка на развој, имаме многу рурални области и поради неразвиената инфраструктура имаме потешкотии да стигнеме до тие места. Косово сè уште има доста да сработи во однос на дигитализацијата, изјави премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, на панел дискусијата во рамките на Дигиталниот самит во Скопје.

„За жал немаме ниту визен режим и поради тоа граѓаните на Косово не патуваат слободно што ги спречува да комуницираат со граѓаните од европските земји“, рече Харадинај.

Косовскиот премиер истакна дека како влада се фокусирани на информатичките технологии и нивниот развој по што додаде дека добредојдена е експертизата од соседните земји кои сакаат да му помогнат на Косово со цел земјата да се придружи на тимот на земјите од Западен Балкан.

Харадинај уште еднаш повтори дека Дигиталниот самит е важен настан за целиот регион по што ги поздрави сите напори кои ги направила Република Македонија во поглед на предизвиците со кои се соочуваше државата во последниот период.