Новинарката на црногорскиот весник „Вијести“ Оливера Лакиќ синоќа била застрелана во Подгорица пред зградата во којашто живее.

Таа била погодена во нога и лекарите кажаа дека е надвор од животна опасност. Лакиќ е нападната на истото место кадешто беше претепана пред шест години.

„Лакиќ има прострелна рана на десната потколеница и не е животно загрозена“, изјави директорот на Ургентниот центар во Подгорица, д-р Нермин Абдиќ.

Како што ѝ кажала на полицијата, во неа пукал еден маж, кој во близина имал уште двајца соучесници, кои потоа заедно избегале. Лакиќ во последно време пишувала за шверц на цигари, со што поврзувала и припадници на полицијата и на безбедносните служби.

„Веројатно ја чекале пред влезот, кога ѝ пришол еден од нив и ја застрелал. Таа кажа дека видела тројца како бегаат. До кога ќе се случува ова во нашата прекрасна Црна Гора? Многу приказни што таа ги напиша, а кои укажуваат на криминал, не се ни истражени“, изјави главниот и одговорен уредник на „Вијести“, Михаило Јововиќ.

Премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, ги повика надлежните итно да го решат случајот, а осуда дојде и од Советот на Европа.

„Шокирани сме и тажни од уште еден напад на новинар, во Црна Гора. Работата на новинарите и на слободните медиуми е суштинска за функционирањето на секоја демократија. Напад врз новинар во исто време е напад врз демократија. За жал, ваквите напади се во пораст и тоа е најголемата грижа на Советот на Европа“, изјави генералниот секретар на Советот, Торбјерн Јагланд.