Што содржи македонскиот предлог до Софија?

61

Во бугарски медиуми се шпекулира дека дека една од петте формулации во македонскиот предлог се однесувала за јазикот.

Што содржи „конкретниот предлог“ со кој македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев дошла на средбата со привремениот бугарски премиер Стефан Јанев? Информацијата дека на масата е доставен конкретен предлог, вчера ја објави бугарскиот премиер.

„Делегацијата на Заев дојде со конкретен предлог, кој ќе го разгледаме сеопфатно и професионално во наредните денови. Сега ни е приоритет да создадеме атмосфера на доверба, пријателство и на дијалог, што ќе им помогне на нашите експерти и политичари да дојдат до решение“, порача Јанев по вчерашната средба.

Додека во македонската јавност не се споделени никакви детали за предлогот, во бугарски медиуми веќе се шпекулира. Под наслов „Компромисот на Заев: Говориме на ист јазик, но меѓународно признат како два различни“, весникот „24 часа“ повикувајќи се на владини извори открива дека тоа била една од петте формулции содржани во предлогот, кој македонскиот премиер Зоран Заев го донел на средбата со бугарскиот технички премиер Стефан Јанев.

„Според извори на ’24 часа’ од бугарската влада, гостинот предложил пет варијанти за компромис, кои треба да влезат во политичката декларација. Меѓу нив имало и формулација за јазичниот спор, која гласела дека Бугарите и Македонците говорат истовремено на ист јазик, но и на различни, кои се светски признати одделно. Се предвидувала и декларација дека двата народа се братски”, објави „24 часа“, пренесувајќи го и одговорот на премиерот на Јанев дека „ќе започне интензивна дискусија за предлозите уште денес“.

Меѓу историја и инфраструктурни проекти

Весникот „Труд“, пак, кој пишува дека македонскиот премиер пристигнал во Софија со предлог за нова патна карта, објави за наводно условено ветување на македонскиот премиер.

„На неговата средба со техничкиот премиер Стефан Јанев, Заев ветил дека ако на средбата во Брисел на 22 јуни го поддржиме почетокот на преговорите со РСМ, потоа тие ќе ги направат неопходните компромиси за спорните историски теми. Заев истакна дека очекува нов поттик во работата на заедничката историска комисија. Вториот предлог, кој премиерот на РС Македонија го ставил на преговарачката маса, било забрзување на железничкиот проект Гуешево-Скопје“, објави „Труд“.

„Прашањето е како и дали може да се промени работата во заедничката комисија со РС Македонија”, изјави за БНТ бугарскиот копретседавач со комисијата, Ангел Димитров.

„Вчера станало збор најверојатно, но таа едвај ли била во центарот на вниманието, од причина што таму нема напредок, нема што да се промени. По желба на нашите колеги, нашата следна средба ќе биде дури во октомври. Во Договорот за добрососедството скоро ништо не е исполнето, така што претпоставувам дека Скопје ќе направи напори за да покаже желба за постигнување некаков напредок во други области – инфраструктура и.т.н. По сите клаузули во договорот застојот е неверојатен. Односот кон бугарската историја и тоа што во РСМ го сметаат за нивна историја, е најболната точка во односите, бидејќи тоа формира менталитет и култура кои се одразуваат во сите сфери на животот. Не гледам како ќе се случи неопходната катарза за историската наука и целото општество, ако нема политичка одговорност за тоа, но и одговорност на науката“, изјави Димитров.

Заев: Исамата средба е исчекор

Посетата на Заев на Софија се реализираше по еден ден откако бугарското Министерство за надворешни работи во средата објави дека Владата ја одобрила позицијата на Бугарија за европската перспектива на РСМ, со која земјата ќе учествува на состанокот на Советот за општи работи, што ќе се одржи на 22 јуни 2021 година во Луксембург.

„Позицијата на Бугарија во однос на рамката за преговори и одржувањето на Меѓувладината конференција со Република Северна Македонија останува непроменета. Рамката за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ треба да ги содржи потребните гаранции во врска со спроведувањето на Договорот од 2017 година, кои во моментов не постојат. Не се исполнети барањата за одржување Меѓувладина конференција. Во исто време, Бугарија останува отворена за дијалог и презема чекори за зајакнување на довербата и враќање кон прагматичен и конструктивен дијалог“, соопшти бугарското МНР.

Токму поради ваквата позиција на Бугарија, во домашната јавност имаше бројни критики и дилеми – дали во такви услови посетата на Софија е добар потег?

„И самата средба е исчекор кон изнаоѓање решение кој е насочен да биде од интерес на двете страни. Само така ќе имаме поддршка од граѓаните на двете земји“, порача премиерот Заев на заедничката прес-конференција со Јанев.

Заев во Софија побарал средби со лидерите на четирите водечки партии од 45-то национално собрание. Прифатија само Бојко Борисов (ГЕРБ) и Корнелија Нинова (БСП), а лидерите на ДПС и „Има таков народ“ го одбиле поради предизборни ангажмани. Лидерот на „Има таков народ“, Слави Трифонов, вчера ги нарече „небитни“ лидерите на ГЕРБ и БСП со кои се сретна Заев, укажувајќи дека тој морал прво да се сретне со бугарскиот претседател и премиер, а не со двајцата партиски лидери.

 

Извор: дв