Сè уште ми е неверно дека Драган Вучиќ повеќе не е меѓу нас. Во шок сум од претпладнево, откако ја прочитав информацијата за неговата смрт. Пред сè, искрено сочувство до Весна и до Мартин и до неговите блиски.

Драган беше исклучителен човек, неверојатен колега, виртуозен басист и пред сè, ретко чесен во шоу-бизнисот и редок професионалец. Без разлика што многупати и со него сум спорел за неговите телевизиски производи, не смее да се заборави еден факт, за кој допрва ќе треба да се изучува и да се внесе во учебниците за идните дејци во нашата фела…

… Драган Вучиќ е еден од на една рака изброените ТВ-лица во земјава, што секој пат наоѓаше начин да опстане на ТВ-екраните. Повеќе од 25 години и никогаш неповторувајќи се, тој беше постојано присутен. Кој ќе рече дека не погледнал барем едно негово издание некогаш, а често во континуитет, нека се потсети дали е така, зашто веројатно не е. Тој точно знаеше како да допре до секој еден кој гледа телевизија и да го анимира преку своето водителство кое беше поприлично разнолико. Го спојуваше и неспојливото, на начин на кој никој друг не можеше. Ги забавуваше и тие – кои никој не ги гледа во земјава. Лично го почитуваа луѓе, кои никој друг не ги почитувал од „големците“.

Драган беше неверојатно креативен, чесен соработник и постојан бизнисмен во македонските медиуми, а повремено и регионално.

Се сеќавам, на времето (таму некаде – 2009-та) кога работевме заедно во ТВ Сител, ме побара да му снимам глас за реклама, при што уште пред да го слушнам за што е, му реков дека не зајмувам глас за брашна и буреци. Се насмевна и одма ми рече дека не ни помислил да ме најми за тоа, бидејќи гласот не ми бил за такви реклами.

Бев уште на почетоците во овој сектор, па не се ценкав многу за цената која не беше нешто висока. Ја снимив одма рекламата и му ја пратив по меил. Ми рече:

– „Барај ме утре, да ти ги дадам парите.“

— „Де бе, Драган. Ќе се видиме на работа, ќе ми ги дадеш.“

– „Не. Да не ми тежат, те молам побарај ме.“

(по два дена со обврски, изумив да му се јавам)

– „Огнен, кај си?“

— „Еве, дома.“

– „Кај живееш, да ти ги дадам парите?“

— „Чо’ек, ќе ми ги дадеш на работа. Уживај.“

– „Кажи адреса, одма доаѓам, дури задутре сум во ТВ, а пари сигурно ти требаат.“

И така, Драган дојде со своето возило, ми ги даде парите и пред да си замине ми посочи:

– „Во Македонија, наплатата е особено тешка работа во нашиот бизнис.“

Повеќе од деценија подоцна, сè уште ми одѕвонуваат овие зборови, на секое расправање (некогаш и со месеци) за наплата за завршена работа, со 90% од соработниците во државава.

Драган ценеше сечиј труд, без разлика на паричната вредност. Точно знаеше како се создава и тоа го немаше заборавено. Затоа секој пат со ќеиф соработував со него, дури и кога ќе ми речеше дека нема многу пари во „тезгата“.

Кој не соработувал и не другарувал со Драган Вучиќ не го знае каков прекрасен колега и другар беше, а неговите совети ми се од исклучителна помош и денес во оваа фела.

Ти благодарам, Драган. Прерано нè напушти. Почивај во мир.