Адвокатот на семејството на убиениот Афроамерикенец Џорџ Флојд, Бен Крамп, изјави дека има доволно докази да се потврди дека обвинетиот полицаец Дерек Шовин постапил со умисла.
Шовин е обвинет за убиство од трет степен, но Крамп тврди дека станува збор за убиство од прв степен, наведува Би-Би-Си.
– Не ни е јасно како таа постапка не е оквалификувана како убиство од прв степен – изјави Крамп за Си-Би-Ес, а пренесе „Гласот на Америка“.
Тој посочи дека полицаецот го задржал коленото на вратот на Флојд речиси девет минути, што е причина за неговата смрт и потоа за серијата протести низ САД.
– Сметаме дека тој имал намера – рече Крамп.
Џорџ Флојд, невооружен Афроамериканец, почина за време на полициското приведување кога Шовин, според кривичната пријава, го задржал коленото на неговиот врат осум минути и 46 секунди.
Во кривичната пријава се додава дека патологот заклучил дека за смртта на Флојд придонеле комбинацијата од физичкото совладување, можни опојни средства во организмот и здравствените проблеми што ги имал.
Двајца доктори, кои извршиле независна обдукција врз телото на Џорџ Флојд, сепак, вчера соопштија дека тој починал од задушување и дека станува збор за убиство.
Двајца доктори, кои извршиле независна обдукција врз телото на Џорџ Флојд, сепак, вчера соопштија дека тој починал од задушување и дека станува збор за убиство.
Погребот на Џорџ Флојд закажан за 9 јуни
Погребот на Џорџ Флојд ќе се одржи на 9 јуни во Хјустон, во сојузната држава Тексас, соопштија адвокатите на семејството, пренесе ДПА.
Флојд (46) поголем дел од својот животот го минал во Хјустон. Подоцна се преселил во Минеаполис, каде и беше убиен, и каде во четврток ќе се одржи помен.
Помен, исто така, во сабота ќе се одржи и во Северна Каролина, каде тој бил роден, додава ДПА.
Ноќта пред погребот во Teксас ќе има бдеење.
Обама го осуди насилството во протестите во САД и ги пофали ненасилните демонстранти.
Поранешниот американски претседател Барак Обама го осуди насилството во протестите низ САД за расната нееднаквост и прекумерната полициска употреба на сила и ги пофали ненасилните демонстранти кои бараат реформи.
„Огромното мнозинство демонстранти не беше насилно, но „мало малцинство“ ги доведува луѓето во опасност и им штети токму на оние заедници на кои треба да им помогнат на протестите“, напиша Обама во коментар објавен на онлајн платформата Медиум.
Обама, демократ кој во два мандата беше претседател на САД пред Доналд Трамп, рече дека насилството „уништува населби во кои честопати недостигаат услуги и инвестиции и го одвлекува вниманието од пошироката цел“.
Во САД веќе шест дена има немири предизвикани поради смртта на 46-годишниот Афроамериканец Џорџ Флојд во Минеаполис, кој почина од насилна смрт од страна на полицаец.
Трамп ја ангажира војската да ги растера демонстрантите во Вашингтон
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа ја ангажираше војската и Националната гарда за да ги растера демонстрациите околу Белата куќа, а потоа се прошета во паркот до блиската црква да се фотографира со Библија.
– Јас сум претседател на редот и законот, и сојузник на сите мирни демонстранти – изјави Трамп и порача дека ако сојузните држави и градовите не се способни да ја смират ситуацијата кај себе, тој може да нареди војската и Националната гарда да го направат тоа.
– Tие брзо ќе ја решат ситуацијата на нивно место – изјави тој додавајќи дека мобилизирал „илјадници тешко вооружени“ војници за да се запрат протестите. Уште еднаш посочи дека земјата е „нападната од терористите на Антифа“. Претходно, укажа дека гувернерите треба да „доминираат“ над демонстрантите.
Веднаш потоа паркот Лафајет во близина на Белата куќа беше буквало исчистен. Претходните вечери таму протестираа илјадници лица против убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд во понеделникот во Минеаполис од страна на полициски службеници за врема на апсење, мачна сцена фатена со камерите на минувачите.
Трамп одржа говор, но интересно, не кажа ништо за полициската бруталност и самоволието на униформираните лица во САД, главната причина за наелектризираната атмосфера во земјата.
Во квартовите околу Белата куќа синоќа беа распоредени возила на воената полиција со околу 230 припадници, помогнати од претставници на Националната гарда и полицијата со коњица на главниот град. Демонстрантите беа агресивно растерани, со употреба на солзавец и гумени куршуми, во хаотични сцени на бркање на луѓето, вресоци и страв, а со цел да се расчисти патот.
По кратко време, Трамп, заедно со раководството на земјата, јавниот обвинител Вилијам Бар, советникот Џаред Кушнер, министерот за одбрана Мајк Еспер, и други воени лица, излегоа од Белата куќа и се прошетаа покрај паркот до Епископската црква Свети Јован.
Позната и како „претседателска“ црквата е изградена на почетокот на 19 век и се наоѓа веднаш наспроти Белата куќа. Верскиот објект беше затворен, и делегацијата не се ни обиде да влезе, а Трамп застана пред влезната врата да позира пред камерите со крената Бибилија в рака, во очигледен обид да импонира на својата конзервативна гласачка база.
Некои набљудувачи во САД оваа сцена ја опишаа како „надреална“, како лошо „реалити шоу“, со оглед на бранот протести што ги заплисна САД по убиството на Флојд, наспроти постапките на претседателот кој како диктатор бара ангажман на армијата против своите граѓани.
Во САД никогаш досега, освен за време на Граѓанската војна во 19 век, армијата не била ангажирана против американски граѓани.
– Нацијата бара лидер кој ќе пренесе порака на помирување и на утеха, а не да употребува диктаторски мерки – изјави за Си-Ен-Ен градоначалничката на Минесота, државата каде во вторникот најпрвин започнаа протестите.
Властите во Вашингтон синоќа за првпат по 1942 година воведаа полициски час, кој траеше од 19 часот до ранo изутрина и ќе има уште оваа вечер.
Поради немирите, палењето објекти и автомобили, уништување привати бизниси и грабежи, полициски часови беа воведени во уште десетина градови во САД, најголемите од нив се Лос Анџелес, Атланта и Њујорк, со почеток во 23 часот до утринските часови.
Министерство за правда ќе ја прогласи Антифа за терористичка група во САД
Американското Министерство за правда одлучи да ја третира Антифа како домашна терористичка група, соопшти синоќа Белата куќа.
Портпаролот на Белата куќа, Кејли МекКени, на брифинг изјави дека има доволно докази дека Антифа е одговорна за насилството за време на протестите во градовите низ САД што избувнаа по убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд во минатонеделната брутална полициска операција.
Мекени додаде дека дополнителни федерални сили ќе бидат распоредени низ САД како одговор на протестите, пренесе „Гласот на Америка“.
Таа истакна дека американскиот претседател Доналд Трамп вчера се сретнал со министрите за одбрана и правда, Марк Еспер и Вилијам Бар, со кои разговарал за ангажманот на дополнителни безбедносни сили.
Антифа, како што објаснува „Гласот на Америка“, е акроним за антифашистичкото политичко движење чии политички верувања се втемелени во идејата на левицата, а понекогаш и на екстремната левица.
Нивните политички активности вклучуваат поддршка на населението за кое тие сметаат дека е обесправено и се спротивставуват на збогатувањето на корпорациите.
Некои организации кои припаѓаат на овој корпус на идеи користат милитантна тактика за ширење на нивните верувања.