Ќе си ги одминеме зборовите

3

Ќе си ги одминеме зборовите

Кои како сенки

Во скриени ќошиња ги оставивме

Пред порти од непознати куќи

Ете таму ги напикавме

Во улици со сменети имиња

И дворови со пиреј обраснати

Та сега ко бесни пци трчаме

Барајќи нешто што не сакаме да го најдеме

И умовите си ги лажеме

Со тие пусти зборови одминати

Кои не ќе ги познаеш под стреата

Од која и ластовиците гнездото го напуштија

А пак јас твоите како вир ќе ги прескокнам

Без да застанам и во водата небото да го побарам

Та чудно да ми е оти таму ни облак не лебди

Ниту крило од птица се гледа

Дур појот над мене го слушам

И ниту ти песна од зборој љубовни за себе ќе прочиташ

А јас пак ќе си мислам

Оти твоите во дождот се удавиле

Ќе одминеме

Ќе си ги одминеме сеќавањата

Ти оние кои за мене те врзаа

И корени во тебе пуштија

Како дрво стогодишно во тврда земја

Кога спокојот ќе си го најде

А јас моите од гнев во душава ќе ги напластам

Со сета сила надолу ќе ги потиснам

За никогаш виделина да не опулат

Да не болат, да не гризат

Ќе одминеме

Ех, ти и јас толку добро умееме

Еден цел живот да одминеме

И како без к’смет векот да го прокоцкаме

Та голи и боси да акаме

Такви никакви и за никаде да не стасаме

И ќе се тешиме оти така пишано било

Синкир немавме лист и хартија

За сами судбата да си ја натокмиме

И некогаш ќе плачеме

Некогаш пак и во плачот утеха ќе најдеме

А во утехата ќе се убедуваме

Дека еден без друг арни сме

Ќе одминеме

Се’ што било и не било ќе поминеме

И век и навек

И од наречници клетва ќе си носиме

 Јас во тебе сто години да останам

А ти пак во мене 200 да отспиеш

Оти ти и јас никогаш времето исто не го броевме

Ниту на ист начин еден со друг се одминавме

Ти и јас, ете

Ние двајца само со истата бол до коска се љубевме

А сега откако нашето време измина

Ниту исто еден со друг ќе се памтиме

Ниту исто ќе се заборавиме

И нема еден по друг да тажиме

Ни црна руба да носиме

Ниту свеќа за здравје да запалиме

А ни молитва ќе шепотиме

Сега и тука

Еден со друг само ќе си простиме

Што достојни за она што ни беше дадено не бевме

Во ова време во кое како црни облаци

Големо…

Големо невреме се спрема

 

Ана Бунтеска