Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери упати честитки по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, како и на сите верници кои денеска го слават големиот празник Фитер Бајрам што е круна на светиот месец Рамазан.
– Ви посакувам срдечни желби за личен напредок и колективно негување на нивната мисија и дела со кои направија епохално влијание врз описменувањето, развојот и културното издигнување на словенските народи, затоа што нивниот неуморен труд и придонес кој ги одбележал нивните животи, е значаен не само за Македонците, туку и за сите народи кои припаѓаат и ја негуваат словенската култура и јазици. Преку описменувањето и ширењето на нивното учење, тие овозможиле голем историски напредок и изградиле цела култура која и денес живее и се развива. Културите се белег на човечкиот род и затоа треба да се негуваат и почитуваат како богатство од непроценлива вредност кое насочено во позитивна насока, може да донесе само развој и напредок, се вели во честитката од Џафери.
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери на сите верници кои денеска го слават големиот празник Фитер Бајрам што е круна на светиот месец Рамазан, им упати искрени честитки за добро здравје, бериќет и мир во душите и домовите.
– Се надевам дека овој Бајрам кој што како и претходно месецот на пост и солидарност го прославуваме на невообичаен начин, далеку од верските храмови, сепак блиску до нашите најдраги и најблиски членови на семејството, ќе ни донесе искрени и убави мисли упатени до целото човештво за што побрзо и побезболно пребродување на овој предизвик кој што како што реков и во претходната Рамазанска честитка, не бира ниту вера, ниту нација, ниту богати или сиромашни, мажи или жени. Нека даровите на Рамазан Бајрам, солидарноста, взаемната почит и разбирање, милоста и опростувањето бидат дарови кои ќе го збогатуваат нашето секојдневие, вели во честитката Џафери.
Почитувани мои, порачува, имајте верба, имајте трпение, бидете силни и останете дома со своите блиски.
– Верата се носи во срцето а домот е вашиот храм, нека е честит Фитер Бајрам!, стои во честитката од Џафери.