Осудената во предметот на СЈО, „Таргет-Тврдина“, Елена Џиланова, по налог на бегалецот, Горан Грујевски, три и пол часа во УБК ги бришела трагите од прислушувањето.
Ова го пишува во пресудата на кривичниот суд за спогодбата на осудената со специјалното јавно обвинителство до која дојде „Макфакс“, користејќи го правто на слободен пристап до информации од јавен караткер.
На 28 јануари 2016 година, Џиланова како началник на „Единицата за телекомуникации“ при „Одделот за оперативно-техничка поддршка“ при УБК, познат како петта управа, им помогнала на обвинетиот Горан Грујевски и уште на неколку други лица и ги прикрила елктронските траги од незаконското прислушување. Според пресудата, Џиланова ги архивирала податоците од три интермедијациски LI IMS сервери, кои се во сопственост на телекомуникациските оператори, сместени во УБК: Eден сервер на T-Mobile, еден на One, и еден сервер на ВИП. На овие системи се наоѓале електронските траги и податоци за телефонските броеви кои биле предмет на следење на комуникациите. „Податоците од регистарот на активности ги отстранила од северите и ги експортирала во соодветна датотека на систмот, а датотеката ја отстранила од системот на надворешен мемориски уред, со што ги прикрила трагите од кривичното дело“, пишува во пресудата на кривичниот суд.
Истиот ден, таа го повикала обвластеното лице од „Ериксон“, кое подоцна било сведок во постапката. Лицето било задолжено да ги сервисира серверите, а сега осудената го прашувала технички прашања за архивирањето податоци. „Побарала да ѝ биде демонстрирана постапката за архивирање, под изговор дека УБК треба да ги архивира податоците, иако во тој момент, таква потреба не постоела“, напишале судијките Ленка Давиткова и Татјана Михајлова во образложението на пресудата.
Џиланова преку корисничкото име ImsAdmin им пристапила на серверите и ги отстранила податоците од регистарот на активности. „Откако увидела дека се отстранети податоците од LI IMS серверите, со што се прикриваат електронските траги за да не бидат откриени сторителите и стореното кривично дело поврзано со незаконското следење на комуникациите, во 20:51:12 часот ја напуштила зградата“, пишува во пресудата.
Осудената доби условна казна во траење од 6 месеци која нема да се изврши доколку во следните 2 години по правосилноста на пресудата не стори нови кривично дело. Судот ја осуди Џиланова за „Помагање во извршување на кривичното дело“. Таа, отако СЈО поднесе обвинение, самата се јавила во обвинителството и дала исказ со која признала вина. Обвинителите од СЈО Ленче Ристоска, Артан Ајро и Трајче Пеливанов за неа побарале алтернативна мерка, поради, како што посочиле големиот број олеснителни околности кои биле на страна, на тогашната обвиинета. Осудената се покајала за стореното и изјавила дека била присилена од нејзините претпоставени и веднаш по поднесувањето на обвинението, доброволно побарала отказ од МВР, за да не потсетувала во средината, каде што работела.
Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година. Поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Според обвинението, подигнато на 30 јуни 2017 година, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
Судењето за предметот „Таргет-Тврдина“ е најавено дека ќе се одржи на 27 март, но поради фактот што Врховниот суд во Атина, по третпат ја одложи седницата за одлуката по жалбата за нивната екстрадиција за 26 април, најверојатно и ова рочиште ќе биде одложено.
Во „Таргет-Тврдина“обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, неговиот колега, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.
В. Маглешов
Извор: Макфкс