Високиот комесар на ОН за човекови права Зеид Раад ал Хусеин синоќа го обвини Советот за безбедност на Светската организација за неактивност во однос на Сирија.
– Сирискиот конфликт го води светот кон катастрофа, а Советот за безбедност не презеде решителна акција за заштита на човековите права и спречување на убиства, изјави Хусеин.
На неформален состанок на Советот, тој предупреди дека овој неуспех има длабоки последици, бидејќи неказнувањето го уништува светот.
– Сите земји во сирискиот конфликт вршат страшни злосторства, користејќи нелегални методи за водење војна, истакна високиот комесар на ОН за човекови права. Тој, сепак, беше особено критичен кон сирискиот претседател Башар ал Асад, кого го обвини за „убивање на сопствениот народ“.
Хусеин ја спомна офанзивата на владините сили во бунтовничката енклава Источна Гута, каде што, како што рече, воените злосторства биле извршени со хемиско оружје, а и гладта се користи како оружје.
– Никогаш во кампањите против тероризмот немало вакава бескрупулозна употреба на сила против цивили, како што тоа се случува изминатите неколку месеци во Сирија, истакна тој.
Сириската Влада и нејзините сојузници ги квалификуваат сите групи против кои се борат во Сирија како терористи.
Изјавата на Хусеин уследи откако претходно, Русија, Кина и други земји го блокираа одржувањето на официјално заседание на Советот за безбедност на ОН посветено на хуманитарната ситуација во Сирија.
– Не гледаме никакво оправдување за таквата средба, изјави рускиот заменик-постојан претставник во ОН, Генадиј Кузмин.
Франција и уште шест земји членки на Советот побараа седница на која треба да зборува и високиот комесар на ОН за човекови права Зеид Раад ал Хусеин.
Но, за таква средба гласаа осум, а потребни се девет гласа. Русија, Кина, Казахстан и Боливија гласаа против, а Брегот на Слоновата Коска, Екваторијална Гвинеја и Етиопија беа воздржани.
Потоа осумте земји кои го поддржаа предлогот, се собраа на неформална средба на која говореше високиот комесар на ОН за човекови права во Сирија.
Во заедничко писмо до останатите земји членките на Советот, САД, Велика Британија, Франција, Полска, Шведска, Холандија, Кувајт и Перу порачаа дека е императив ОН да преземе веднаш решителни мерки за постигнување примирје во Сирија, ако земјите членки на Организацијата, особено Русија и сириската Влада, не ја почитуваат Резолуцијата на Советот за безбедност за хуманитарниот прекин на огнот.
Во меѓу време и специјалниот претставник на ОН за Сирија, Стафан де Мистура предупреди дека Сирија оди кон катастрофална поделба, а Исламската држава може однова да се врати на сцената, ако не се постигне сеопфатен мировен договор.
Во говор во Женева, Де Мистура истакна дека неформалната поделба на Сирија на области, кои практично се под контрола на странски држави, ќе доведе до катастрофа не само за неа, туку и за целиот регион. Според него, особено опасно би било од мировниот процес да биде исклучено сунитското мнозинство, бидејќи сунитската џихадистичка група Исламска држава, тогаш ќе се врати во Сирија.