Директорот на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, Филип Андов, ги отфрла сите обвинувања дека врз притвореникот Орце Камчев се врши тортура, дека е подложен на нехуман третман, и дека се чувал во мала ќелија. Андов вели дека се неточни и наводите дека е влошеното здравјето на Камчев, а за осум дена, била трипати проверувана неговата состојба. Последен пат тоа се случило, по наредба на судија од Кривичниот суд, а на барање на адвокатот на Камчев. Притвореникот бил прегледан и од екипа на Брза помош.
„Проверен е од затворскиот доктор. На барање на адвокатите, судот даде наредба да се провери уште еднаш. Во саботата беше повикана Брза помош и сите параметри му беа добри. Направен е и мониторинг, и пак беше добар, од температура, притисок, сатурација. Ова се притисоци од одбраната. Како притвореник не се пожалил на здравјето за да треба веднаш за било што да се излезе во пресрет. Притворениот редовно ја зема и терапијата која му е препишана, а му ја дава домскиот доктор“, вели директорот Андов за „А1он“.
Во однос на обвинувањата дека Камчев е чуван во мала просторија, Андов вели дека притворениот е во приемното одделение поради ковид-протоколите, а седи сам во ќелија која е наменета за две лица. Според директорот на затворот, Камчев има пристап до свеж воздух на отворено, но одбива да го користи тоа право.