Се плашам дека е само уште една можност во синџирот можности што ги изгуби грчката надворешна политика, вели поранешната шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани во однос на изгледите за решавање на прашањето за името, а паралелно упати остри критики до владата на Ципрас за тоа како управува со преговорите.

На панел дискусија на Економскиот форум во Делфи, Грција, Бакојани рече дека со актуелниот македонски премиер, преговорите се полесни отколку со претходниот.

– Дали господинот Заев е прозорец на можност? Според мене, да, беше прозорец на можност, затоа што секој што има преговарано со господинот Груевски знае многу добро колку беше тешко, па и невозможно да се постигне било какво решение со еден радикален националист кој воопшто не размислуваше за било какво решение на проблемот, рече Бакојани.

Поранешната министерка за надворешни работи на Грција, а сега пратеник од опозициската Нова демократија, објасни дека припаѓа на категоријата луѓе што сметаат дека треба да се реши проблемот меѓу двете земји, но актуелната грчка Влада „на катастрофален начин управува со прашањето, бидејќи Ципрас ги започна преговорите како лидер на СИРИЗА, а не како премиер“.

– Создаде проблем во внатрешноста на земјата, создаде проблем во преговорите, бидејќи на средина на преговорите се сетија на ерга омнес, на средина на преговорите се сетија дека за да биде ерга омнес потребна е некоја промена во Уставот на соседната земја итн., објасни поранешната шефица на грчката дипломатија.

Бакојани смета дека справувањето со проблемот треба да започне од основата, која според неа е иредентизмот бидејќи „историски, токму врз оваа иредентистичка логика се изгради целата оваа држава“.

Во однос на поширокиот регион, таа вели дека „без сомнеж, Западен Балкан е црна дупка во Европа“, а недостигот на интерес на Европа во изминатите години го покриле други сили на Балканот. Со големо задоцнување, сепак, Европа, според Бакојани, сфатила дека ова не може да продолжи.