Американскиот претседател Џо Бајден и германската канцеларка Ангела Меркел денеска во телефонски разговор се согласиле дека ќе побараат од Русија да ги намали трупите на украинската граница, каде што состојбата на теренот се влошува. САД се откажаа од распоредување два воени брода во Црно Море.
Двајцата функционери се согласиле да побараат од Русија да ги намали „своите неодамнешни воени засилувања“ на источната граница на Украина за да се овозможи „деескалација на ситуацијата“, се вели во изјавата на портпаролот на германската канцеларка.
Во средата наутро германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер ја обвини Русија за „провокација“ во врска со украинското прашање и рече дека со загриженост ја следат ситуацијата.
Москва има натрупано десетици илјади војници на границата со Украина, која има желба да влезе во НАТО.
Паралелно со ова, од почетокот на годинава повторно избувна насилство во конфликтот во источна Украина меѓу силите од Киев и проруските сепаратисти.
Денес министрите за одбрана на 30 земји од НАТО на видеосредба со американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен, кој дојде во седиштето на Алијансата во Брисел, разговараа за тензиите со Русија околу Украина.
Американскиот претседател Бајден неделава му предложи на својот руски колега Владимир Путин самит во трета земја во блиска иднина.
САД оваа недела се откажаа од распоредување на два воени брода во Црното Море преку турските мореузи, во услови на тензии меѓу Украина и Русија, објавија турските власти и медиуми.
Турски дипломатски извори соопштија дека првиот воен брод не поминал низ Босфор во средата, како што беше планирано.
Според државната новинска агенција Анадолија, која се повикува на други турски официјални лица, распоредувањето на бродовите закажано за среда и четврток е откажано, а Анкара не е информирана за можен нов датум.