Директорот на српската владина канцеларија за Косово, Марко Ѓуриќ синоќа беше депортиран во Србија, каде во Куршумлија му е укажана лекарска помош.
По разговорот на претседтелот Александар Вучиќ, со рускиот претседател Владимир Путин и шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини се огласи и Брисел со осуда за случувања и порака до властите на Косово и на Србија, за дијалог и воздржаност и сериозност за да не дојде до ескалација на состојбата.
По завршувањето на итната седница на Советот за национална безбедност, синоќа се обрати и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој оцени дека Приштина превзела брутален чин на безумие и тежок криминален акт со апсењето на Ѓуриќ, со поддршка на одделни земји.
Според него сите оние кои учествувале во киднапирањето на Ѓуриќ, меѓу кои има и Срби, ќе одговараат пред српските судови.
Вучиќ во обраќањето пред новинарите изјави дека е бесмислено да се разговара за бриселскиот договор и дека одлуките за неговото продолжување ќе ги носи со „студена глава“, но и со поинакви постулати во иднина.
Косовскиот претседател Хашим Тачи посочи дека косовската полиција дејствувала во согласност со законите и овластувањата при апсењето на Ѓуриќ.
Тачи ги повика жителите на Косово на смиреност и рече дека Ѓуриќ нелегално влегол во Косово и дека овој случај не треба да ја попречува комуникацијата меѓу Косово и Србија, дијалогот меѓу двете земји и напорите за нормализација и помирувањето меѓу двата народа.
Но, преставниците на Српската листа во Приштина по настаните во Митровица синоќа усвоија иницијатива за напуштање на Косовската Влада.
Претседателот на косовскиот парламнет Кадри Весељи во врска со настаните изјави дека со апсењето на Ѓуриќ „Косово ги презентирала своите закони и полниот суверенитет“.
– Очекуваме од Србија да го почитува нашиот територијален интегритет и суверенитет порача Весељи.
Вооружени припадници на косовските специјални единици РОСА вчера влегоа во салата во Косовска Митровица, каде што се одржуваше најавениот „дијалог за Косово“ и со употреба на шок бомби и со присила го приведоа Марко Ѓуриќ, при што повреден е и неговиот соработник Жељко Јовиќ, како и повеќе други лица, меѓу кои има и новинари.
Ѓуриќ по приведувањето однесен е со блиндиран автомобил и со вооружена полицијска придружба во Приштина, каде е изведен пред судија за прекршоци, по што беше депортиран од Косово за Србија
За време на акцијата се огласија сирените за воздушна тревога, а Србите од Северна Митровица се упатија на мостот на река Ибар, а го блокираа и патот од Митровица кон Приштина.
Приштина вчера утрото најави дека нема да дозволи влез на територија на Косово на Марко Ѓуриќ и нa Никола Селаковиќ, кој е генeрален секретар во Кабинетот на српскиот претседател, како и на министерот за одбрана Александар Вулин и министерот за култура Владан Вукосављевиќ.
И косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли предупреди дека без дозвола никој не може да влезе на територија на Косово.