Eкономијата тоне, а граѓаните осиромашуваат, а сето тоа е резултат на лошата економската состојба што ја спроведува владата на Заев и СДСМ, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на синоќешната средба со граѓаните и членовите на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Радовиш. Тој на средбата истакна дека состојбата е алармантна.
„Сè поголемо е незадоволството што е резултат на погрешните политики на СДСМ. Нови 566 милиони евра задолжување само од почетокот на годината до сега, за два и пол месеци, односно го задолжија секое семејство по 1.200 евра, а притоа БДП се намалува, што значи дека СДСМ не се задолжува за да создаде раст кој понатаму ќе го враќа ова задолжување, туку се задолжува за да ги плати неспособните политики што ги спроведува“, изјави Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ пред граѓаните го објасни ребалансот на буџетот што го направи СДСМ, каде што ветил дека со тој ребаланс ќе порасне економијата за 2,6%, па во ноември министерот за финансии, Тевдовски, изјави дека нема да бидат 2,6%, туку 1,6%. Мицкоски смета дека ваквиот начин на неодговорно работење на министрите од владата на СДСМ е на штета на животниот стандард на граѓаните на Република Македонија.
„Им рековме дека ако ги анализираме параметрите нема да излезе ниту 1,6% раст, туку 0%. На крај излезе нула, со што владата на СДСМ погреши за вкупно 160 милиони евра“, констатираше Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, ги карактеризира Тевдовски, Заев и Анѓушев за трио цунами кое ѝ се случува на Република Македонија во моментов.
На македонското стопанство му се случува патент цунами економија, патент Заев, Тевдовски, Анѓушев, тоа е тројката што го носи економското цунами во Македонија поради кое граѓаните сè повеќе осиромашуваат. Затоа потребни се промени. Ако не знаат, а гледаме дека не знаат, ние знаеме како ќе ја извлечеме државата од оваа бездна во која ја втурнуваат, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.