Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев за време на вториот ден од службената посета на Кралството Белгија, во Брисел оствари средба со неговиот белгиски колега, вицепремиерот и министер за економија и вработувања во белгиската Влада, г-дин Крис Петерс.
Анѓушев посочи дека Владата на Република Македонија интензивно работи на раст и развој на економијата, преку имплементирање на мерки за поддршка на стопанството.
„Креиравме сет на мерки за поддршка на стопанството, кои се транспарентни и исти за сите компании. Целта ни е да привлечеме нови реномирани странски компании да инвестираат во Република Македонија, веќе постоечките компании да вложат во технолошки развој и иновации и да развиваат нови производи, како и да ја зголемиме соработката помеѓу домашните и странските компании. Крајна цел на Владата е да ја поддржи и поттикне конкурентноста на компаниите, да се создаде поволна бизнис клима која ќе овозможи одржлив економски систем, кој ќе биде од полза на граѓаните, компаниите и на Република Македонија на долг рок“, подвлече Анѓушев.
Соговорниците заклучија дека трговската размена помеѓу двете земји континуирано се зголемува и во 2017 година достигна 334 милиони долари, што е зголемување за речиси 300% од 2013 година, кога изнесуваше 115 милиони долари. Белгија е 10-ти трговски партнер на Македонија, во 2017 во однос на 2016 обемот е зголемен за 15%, а особено значајно е што Белгија е една од ретките земји со кои Република Македонија остварува суфицит во трговската размена. Како добра основа за интензивирање на меѓусебната економска соработка беше посочен и договорот за одбегнување на двојно оданочување помеѓу двете земји, кој стапи на сила на 1-ви јануари 2018 година.