Денеска државата се задолжи со 58,5 милиони евра, што е второ задолжување во април откако од почетокот на месецот Владата зеде 29 милиони евра, се вели во соопштението што попладнево го испрати опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ, откако е дојден на власт, до денес земал над 1,65 милијарда евра кредити, а нивото на нето-долгот го зголеми 566 милиони евра. Задолжувањето не запира и од месец на месец е сè поголемо. Картелот ја лаже јавноста и го крие вистинскиот долг. Картелот крие дека нивото на државниот долг надмина 4 милијарди евра. Картелот лаже и ја манипулира јавноста и го крие овој податок од граѓаните. Картелот лаже дека нивото државниот долг е 3 милијарди и 958 милиони евра, а тој достигна 4 милијарди и 20 милиони евра“, обвинува ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата додава дека власта ја крие вистината за јавниот и државниот долг и манипулира со бројките и процентите.

„Картелот прикрива 85 милиони евра од јавниот долг и 62 милиона евра од државниот долг.
Јавниот долг изнесува 47,55 отсто, а државниот 39,32 отсто“, додава ВМРО-ДПМНЕ, која смета дека со ова темпо на задолжување државата запаѓа во долгови, кои во следните 20-30 години ќе бидат на товар на идните генерации.