На предлог на МТСП, Владата на Република Македонија на денешната седница ја усвои Програмата за персонална асистенција на лица со попреченост за 2018 година. Оваа услуга се воведува првпат во Македонија и е целосно финансирана од Буџетот.
Со овој чекор се исполнува долгогодишното барање на лицата со попреченост, што ќе придонесе за нивно независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина.
Со оваа програма ќе се обезбеди персонална асистенција за 100 лица на возраст од 18 до 64 години, кои имаат потешка или најтешка физичка попреченост или лица со целосно оштетен вид. Личните асистенти ќе им помагаат при извршувањето на секојдневните лични и домашни активности, при посета на високообразовни институции, неформално образование, професионална рехабилитација или поддршка на работно место.
Асистентите ќе бидат лица кои поседуваат сертификат за завршена обука за стекнување со вештини за лична асистенција, верифицирана од ЈУ Центар за образование на возрасни. Во Оперативниот план за мерки и услуги за вработување за 2018 година се предвидени средства за обука на 100 невработени лица.
За реализација на Програмата издвоени се 17.500.000 денари од буџетот на МТСП. Со воведување на персоналната асистенција ќе се зајакне системот на социјална заштита и ќе се придонесе за практична имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост. Министерството за труд и социјална политика ќе го следи извршувањето на програмата заради планирање на проширување на опфатот и достапноста на услугата во наредниот период.
Во оваа прилика би сакале да нагласиме дека преку Програмата за општинско корисна работа, на почетокот на учебната 2017/18 година, Министерството за труд и социјална политика во соработка со Министерството за образование и наука, обезбеди средства за ангажирање на 106 образовни асистенти и 34 лични асистенти за деца кои посетуваат настава, со што е зајакната и поддршката на децата со попреченост во образовниот процес.