Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски и министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за Ромите, Аксел Ахмедовски денеска во Штип присуствуваа на состанокот за запознавање и информирање за активностите и целите на проектот „Можност за градење посилно граѓанско општество на локално ниво“.
– Општина Штип и јас како градоначалник уште на самиот почеток добивме признание за најпријателска ромска Општина и најпријателски ромски градоначалник, факт кој доволно говори за заложбите коишто ги правиме за нашите сограѓани од ромската заедница. Концептот едно општество за сите, кој го најавуваме подолго време, веќе функционира и е поздравуван од сите граѓани. Сакам да ги поттикнам своите сограѓани Роми во своите идеи, желби и предлози и да им најавам дека Општина Штип ќе им биде вистински сојузник во нивните предлози и проекти за напредок и интегрирање во ова општество, рече Бочварски.
Министерот без ресор, Ахмедовски истакна дека е задоволен од тоа што Општина Штип има слух за решавањето на проблемите поврзани со Ромите.
– Јас како министер имам обврска да ги посетувам сите Општини, се со цел да ја развијам соработката помеѓу Општините и невладините ромски организации. Сметам дека ќе продолжи соработката помеѓу Општина Штип и невладините ромски организации и дека во иднина ќе се решаваат проблемите коишто ги засегаат Ромите, рече Ахмедовски.
Со овој проект кој е финансиран од Програмата ИПА 2 ќе се едуцираат членовите на невладините ромски организации, како полесно да дојдат до европски пари.