Градоначалникот Илија Јованоски денеска оствари средба со трите најуспешни
менаџерки од Прилеп, кои во изборот на агенцијата „Марили“, се најдоа меѓу најдобрите топ 10 менаџерки на Македонија. Тоа се Ирена Јакимоска, сопственичка на прилепската конфекција со мешовит македонско-англиски капитал „Марили“, Јана Јанеска-Ристеска генерален менаџер на Центар за современа и ликовна уметност во Прилеп и Наташа Стојковска, директор на набавка и логистика во Витаминка.
„Тренд е во светот, посебно при крајот на овие две децении од новиот милениум, што повеќе жени да бидат менаџерки во разни компании, институции, фондации, агенции… итн. Нивните менаџерски способности доаѓаат до израз се’ повеќе и повеќе, а докажано е дека жените се подобри организатори и подобро управуваат и ракуваат со парите. Во оваа прилика сакам да им честитам на нашите три сограѓанки, кои што минатиот месец добија престижни награди како врвни менаџерки за 2017 година. Успешноста на нивната кариера сите ја знаеме, а се надевам дека тоа ќе продолжи и во иднина со посилно темпо“, истакна градоначалникот Јованоски.
Трите прилепски грации се добро прифатени во својата работна средина, и тоа
не само од менаџмент тимот, туку и од сите вработени. Сите три се од различни области и дејности.
„Сакам да се заблагодарам на укажаната чест од страна на градоначалникот Јованоски. Ние самите можеби и не сме толку свесни дека имаме постигнато
таков успех, но кога некој ќе ви укаже чест и ќе ви даде таква награда, тогаш станувате свесни за она што сте го постигнале“, вели Наташа Стојковска, директор на набавка и логистика во Витаминка
„Многу значи да се оддаде признание на ваков начин. Жените, се надевам, дека се иднината на нашето општество. Јас конкретно се занимавам со култура и мислам дека на некој начин можам и економијата во Прилеп да ја развијам преку културата“, посочи Јана Јанеска-Ристеска, генерален менаџер на Центарот за современа ликовна
уметност од Прилеп.
Според Ирена Јакимоска, не е важно дали си маж или жена, туку најважно е да си човек, личност која си го сака свот град, својата држава, своите соработници и вработени и токму оттука произлегуваат и резултатите.
„Особено ми е мило што овој момент го означи со посебна карактеристика градоначалникот Илија Јованоски. Пријатно сум изненадена од подарокот, зошто ретко добивам подароци, секогаш подарувам и ми е многу драг. Ви благодарам на честа што во сите три, без разлика што сме од различни функции и области, сте препознале менаџерство. Се разбира тука не застануваме, одиме понатаму кон нови предизвици“, истакна Јакимоска сопственичка на прилепската конфекција „Комфи Ангел“.
Најуспешните жени менаџерки од општина Прилеп, од градоначалникот Јованоски добија пригодни подароци.