Градот Скопје денеска го објави јавниот повик повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипед. Граѓаните кои ќе купат велосипед од денот на објавувањето на јавниот повик, заклучно со 31 август, ќе им надомести дел од трошоците направени при купување велосипед, односно адаптиран велосипед за лица со телесна инвалидност.
Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, како и 50% од вредноста на адаптираниот велосипед за лица со телесна инвалидност, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Барателот треба да ги исполни следниве услови:
– да е жител на Град Скопје (во општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај Центар, Чаир и Шуто Оризари); подносителот на барањето досега да нема добиено финансиски средства за набавка на велосипед од Град Скопје; велосипедот да го купи од денот на објавување до денот на завршување на jавниот повик и да спаѓа во категорија на лица со потешки моторни пречки во движењето (за баратели кои аплицираат за адаптиран велосипед).
За надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите за учество на јавниот повик се исполнети, барателот до Град Скопје треба да достави: – барање за надоместок (Барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Градот: www.skopje.gov.mk), доказ за жителство во Град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот, односно родител/старател на малолетно лице со телесна инвалидност, фотокопија од трансакциска сметка на барателот, изјава дека барателот досега нема добиено финансиски средства за набавка на велосипед од Град Скопје, доказ дека е извршено купување на велосипед, и тоа оригинал фискална сметка или фактура со извод од деловна банка, со датум од денот на објавувањето до денот на завршувањето на јавниот повик.
За лицата кои аплицираат за рачни велосипеди со електрично помагало за лица со посебни потреби треба дополнително да достават: потврда дека велосипедот е адаптиран за потребите на барателот – лице со телесна инвалидност, со спецификација за видот на извршената адаптација, решение за видот и степенот на телесна инвалидност издадено од надлежен орган.
Барањето за надоместок на дел од трошоците за купување на велосипед, заедно со потребната документација, граѓаните во затворен плик треба да ги достават преку Архивата на Град Скопје, бул. Илинден бр.82, секој работен ден од 09 до 15:30 часот.