Основниот суд се прави попаметен од Врховниот кога е во прашање повторениот притвор за дел од учесниците во насилниот упад во Собранието, смета адвокатот Ѕвонко Давидовиќ. Според него, Обвинителството е привилигирано во постапката бидејќи додека бранителите спијат, судот преку ноќ, во црни темници заседава и носи нови решенија и не остава можност за одбрана на обвинетите.
„Синоќешната акција покажува конфузија и хаос, не се знае чија одлука треба да се почитува. Евидентно е непочитување на одлуката од Врховниот суд, која е сменета за еден ден. Тука имаме и селективна примена на законот. Обвинителството побарало притвор за сите лица на кои мерката притвор им е заменета за куќен притвор, а од Судот одобрено е во повторен притвор да заминат само припадниците на МВР“, рече адвокатот Давидовиќ.
Тој смета дека повторното притворање е правно издржано во смисла на закон.
„Ние, правниците, учиме дека треба да се почитува одлуката на Врховен суд, кој ја проценил состојбата и утврдил дека треба куќен притвор. Трипати понизок суд вели Врховниот суд нема поим, ние знаеме повеќе“, додава Давидовиќ.
Според адвокатот, судот си игра со човечките судбини постапуваќи со двојни аршини.
„Обвинителството е една од странките. Имате ситуација во која судот постапува по барање на Обвинителството, а бранителите спијат. Тука немаме правен механизам. Што ако сакавме да дадеме гаранција или, пак, некој човек е смртно болен? Немате еднакви права. ОЈО e привилигирано во конкретниот случај, но и во сите постапки“, коментира Давидовиќ велејќи дека и Стразбур упатил критика за прекршувањето на човековите права и слободи.
Двојните аршини на судот се гледале и преку различните постапувања кога се во прашање предметите на ОЈО и СЈО, тврди Давидовиќ, кој вели дека Стразбур не е благонаклонет на ваквото постапување.
Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ смета дека ништо не е сменето во судството и истото сè уште не е на висина на задачата, а тоа се гледало со повторувањето на истата приказна, како во случајот „Фаланга“, но и многу други предмети.