Веројатно им е чудно на ВМРО-ДПМНЕ и Тони Јаревски што денеска јавните површини во Карпош прераснуваат во паркови, наместо истите да се пренаменат за станбено – деловен простор.
Напуштена е праксата за бетонизација на урбаното јадро која ја спроведуваа со Јакимовски.
Затоа се против Спортско – адреналинскиот парк, проект кој е поддржан со грант од Европската унија.
Искрено, нема да ме чуди ако деновиве се одржи и првиот протест во независна Македонија, против изградбата на парк.
ФАКТ е дека постапката за давање под закуп на дел од Адреналинскиот парк (High rope) е заради поголема безбедност на граѓаните. Затоа што и самата опрема на адреналинскиот дел бара посебни услови за управување и чување, како и ангажирање на лица со лиценца кои ги исполнуваат сите стандарди и безбедносни мерки за управување со паркот.
Оваа постапка е координирана со Светска банка и Европската унија, и за истата постои целосна согласност од овие страни.
Дали за ВМРО – ДПМНЕ безбедноста на корисниците, граѓаните во адреналинскиот дел не е најважното нешто?
ФАКТ е дека е целосно завршен Спортско – адреналинскиот парк во Карпош. Завршени се изведбените активности, содржинските делови, а финализира административната постапка за пуштање на паркот во употреба. Ова е видливо и јасно и за ВМРО-ДПМНЕ и Тони Јаревски.
ЛАГА е дека паркот нé чини 55.000.000 денари туку 48.000.000 денари. Од оваа вредност, 42.000.000 денари покрива Европската унија, додека општина Карпош учествува со 6.000.000 денари.
ФАКТ е дека постапката за избор на изведувач за Спортско – адреналинскиот парк ја водеше Светска банка и Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања при Владата.
Целиот проектот подлежи на континуирана ревизија од Европската унија, како донатори на средства и Светска банка, преку која се администрира целиот процес.
Не станува збор за никаква злоупотреба на европски пари. Впрочем, општина Карпош немаше да биде меѓу институциите кои најчесто добиваат средства од европски фондови, ако имаше некакви злоупотреби.