Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во интервјуто за „Раша Тудеј“ изјави дека живееме во време на антируска хистерија, додавајќи дека Србија нема да се придружи кон санкциите на Русија.
Тој говорејќи за дијалогогот меѓу Белград и Приштина изјави дека Србија сака успешен дијалог и решение кое ќе биде во интерес на сите, додавајќи оти со ултиматуми не може да се влијае врз врз српскиот народ.
– Живееме во време на антируска хистерија во светот. Кога бев во Белата куќа и разговарав со советникот за национална безбедност Мекамастер буквално ми рече дека американското влијание е добро, а руското е штетно. Кога станува збор за Србија, тоа не беше така во минатото. Единственото нешто што Русија го очекува од нас е нашето членство во ЕУ да не резултира со промена на позицијата на Србија кон Русија, што Србија нема да го направи. Меѓутоа, еден од условите е нашата надворешна политика да биде усогласена со ЕУ, и тогаш настапува Русија. Приклучувањето на санкции против Русија. Некои земји го покренуваат ова прашање на секој состанок. Веројатно знаете за кои земји зборувам, истакна шефот на српската дипломатија.
Говорејќи за односите со Косово, тој истакна дека Србија има свои предлози за компромисно решение, но „Албанците во Приштина компромисот не го земаат во предвид“
– Тие не сакаат да разговараат, туку само говорат дека Белград треба да ја признае независноста. Ова не е прифатливо за нас. Албанците очигледно мислат дека е доволно да бидат признаети од некои западни земји. Тука не се во право. Тие имаат лажна листа на земји што ги признале, зборуваат за околу 116 земји. Мислам дека е во интерес на сите да најдат компромис, но ако тоа не го сакаат, тогаш нашата борба ќе продолжи, додаде Дачиќ.
Тој во интервјуто констатираше дека предлогот за компромис од страна на Србија не е објавен, но„тие воопшто не сакаат да не слушаат, само повторуваат – ние сме независни, морате да не признаете!“
На прашањето дали на Србија и е поважен влезот во ЕУ до 2025 или Косово, шефот на српската дипломатија изјави дека ЕУ не може да поддржи таква позиција, кога пет држави се уште го немаат признаето Косово. Но констатираше Дачиќ, во ЕУ „сепак постојат двојни стандарди“.