До крајот на април се очекува да стигнат 20 илјади дози вакцини од „Фајзер“. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека пратката што се очекува е дел од директните преговори со компанијата.
Првата пратка од 10 илјади би требало да стигне на 19 април, а на 26 април и другата пратка од уште 10 илјади вакцини. Филипче додаде дека во тек е и комуникација со кинеската и руската амбасада од каде што се чека поголема количина пратки, а до крајот на месецот се очекуваат уште 76 илјади од „Астра Зенека“.
Досега во земјава се вакцинирани околу 30 илјади граѓани. До крајот на денот се очекува да заврши вакцинацијата на критичната инфраструктура – припадници на АРМ, пожарникари, медиумски работници, учителки и негувателки, а од утре почнува вакцинација на повозрасните граѓани под 75 години. Со поголемите количини на вакцини што ќе пристигнат во земјава, Филипче најави отворање на пунктови за вакцинација по примерот на С.Ц. „Борис Трајковски“ и во другите градови – Куманово, Штип и Охрид.
Во врска со трендот на намалување на бројот на дијагностицирани во изминатите денови, според министерот, тоа е резултат на рестриктивните мерки, но притисокот врз болниците, како што рече, е сѐ уште голем.