Денеска, директорот на Бирото за јавна безбедност д-р Сашо Тасевски одржа работен состанок со претставници од италијанските карабињери во рамки на Твининг проектот ,,Зајакнување на институционалните капацитети во справувањето со криминал против културно наследство и еколошки криминал “- ИПА 2021 предводени од страна на Бригадниот генерал Пјетро Кароца кој што е и проектен лидер од земјата членка во рамки на овој проект. Покрај Бригадниот генерал на овој состанок учествуваа и Мајорот Ромоло Мастролија од Канцеларијата за меѓународна соработка во седиштето на италијанските карабињери и капетанот Андреа Маркети (Постојан твининг советник-РТА).

Директорот Тасевски им посака добредојде на претставниците од италијанските карабињери во просториите на Министерството за внатрешни работи, при што тој истакна дека справувањето со криминалот против културното наследство и еколошкиот криминал е од исклучителна важност за Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи. Имплементирањето на активностите во рамки на Твининг проектот „Зајакнување на институционалните капацитети во справувањето со криминал против културно наследство и еколошки криминал “-ИПА 2021 кои предвидуваат подготовка на легислативната и оперативната рамка ќе бидат од голема полза во поглед на зајакнувањето капацитетите на Министерството за внатрешни работи и останатите институции со надлежности во овие две значајни области.

Овој проект, финансиран во рамки на ИПА програмата, значајно ќе придонесе кон зајакнување на институционалните капацитети, вклучително и капацитетите на надлежните организациони единици во рамките на Министерството за внатрешни работи за заштита на животната средина и културното наследство со посебен фокус на кривичните дела против културното наследство и животната средина.

За време на состанокот беше ставен акцент и на веќе постојната соработка која што Министерството за внатрешни работи ја има со италијанските карабињери и желба истата дополнително да се продлабочи во иднина.