Државниот универзитетот во Тетово му додели титула почесен доктор на лидерот на ДУИ Али Ахмети на одбележувањето на 26-годишнината од своето формирање. Ова почесно звање, според оценката на Универзитетот, се доделува на личности кои придонеле за развојот на оваа високошколска установа. Почесната титула на Ахмети му ја врачи ректорот Вулнет Амети.

„Не дојдов со подготвен говор. Дојдов да ви ветам дека и понатаму ќе работам на подобрувањето на албанското образование и на подигањето на вредноста на образовната инфраструктура и условите на универзитетите, затоа што само така можеме да бидеме конкурентни и да одиме напред. Тeмелите се поставени, сега само треба со знаење да бидеме конкурентни на сите полиња“, изјави Ахмети.

На свеченоста присуствуваа и претседателот на Собранието Талат Џафери и првиот заменик премиер Артан Груби.

Пред доделувањето на почесната титула, Алијансата на Албанците одржа протест поради оваа одлука. Со неколку пароли и фотографии, тие порачаа дека Ахмети не ја заслужил оваа титула.

„Универзитетот во Тетово не е на Ахмети, туку на народот. Од денеска, срамот има и свое име: доктор на науки Honoris causa“, беше речено на прес-конференцијата на партијата, која се одржа само на албански јазик.