Напаѓачот Дидие Дрогба објави дека ќе стави крај на својата професионална фудбалска кариера по завршувањето на сезоната во МЛС, каде настапува во тимот на Феникс Рајзинг.
Поранешниот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска, кој вчера наполни 40 години, имаше блескава кариера во Европа, а најголемите успеси ги постигна за девет сезони во дресот на Челзи. Со тимот од Лондон тој освои четири титули во Премиер лигата, четири ФА Куп трофеи, три Лига Купови на Англија и еднаш Лигата на Шампионите.
– Играта продолжува да ми дава задоволство. Уживам на теренот. Опкружен сум од многу млади луѓе и сакам да им го пренесам наученото во текот на годините. Но оваа сезона ќе биде последна за мене. Веќе сум на 40 и чувствувам дека е дојдено времето, прокоментира Дрогба, кој е косопственик на клубот Феникс.