Говорејќи преку видеоврска на отворањето на болницата „Турско-албанско пријателство“ во Албанија, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека неговата земја се стреми кон мир, просперитет, стабилност и развој во Албанија, но и на целиот Балкан, пренесе агенцијата Анадолија.
Ердоган зборуваше преку видеоврска на свеченото отворање на болницата изградена во Турција во југозападниот албански град Фиер. Проектот вреди 70 милиони евра.
По тој повод, Ердоган рече дека Турција, во согласност со она што го налага братството, го поддржува социјалниот и економскиот развој на Албанија повеќе од 30 години.
„Ние се стремиме кон мир, просперитет, стабилност и развој на Албанија, но исто така и на целиот Балкан. Оние што Турција ја гледаат како закана или конкуренција и дејствуваат само врз основа на своите сопствени интереси, се во тешка заблуда“, рече Ердоган.
Тој истакна дека болницата отворена денес е уште една алка во повеќедимензионалното пријателство меѓу Турција и Албанија и потсети дека албанскиот премиер Еди Рама во јануари престојуваше во посета на Турција, при што го формализираше стратешкото партнерство меѓу двете земји.