Ако почне расправата за илјадниците амандмани на ВМРО-ДПМНЕ за законот за јазиците ќе бидат потребни најмалку 6 месеци за да се завршат сите. Овие амандмани се поднесени за неуставноста и ако се има малку разум ќе се даде можност за законот да се усвои, изјави премиерот Зоран Заев по двочасовната средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во Владата.
Заев рече дека нема разумни решенија помеѓу власта и опозицијата за законот. Како што рече тој, Собранието не е толкувач дали некој закон е уставен. Според Заев, Уставниот суд е тој што може да се произнесе за законот. Премиерот повтори дека ако законот се пушти во процедура, осдносно ако почне амандманска расправа која би траелa шест месеци, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе биде виновно за блокирање на процесите во државата. „За нас законот е уставен“, изјави Заев.
„Не смееме да дозволиме Македонија да биде блокирана во следните 6 месеци кои се важни за евроинтеграциите. Тоа значи дека процесите ќе останат блокирани и по самитот на НАТО во јуни. Апелирам на разумност“, рече Заев.
Тој додаде дека и СДСМ кога беше опозиција не се согласувала со некои работи, но, сепак, оставала процесите да течат. Заев изјави и дека нема намера да се меша во работата на судот во врска со приведените пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за настаните од 27 април. „Правосудството е независно и делот на важењето на законот е еднкаво за сите“, рече Заев. „Притворите не смеат да бидат казна, но тоа е обврска и право на Јавното обвинителство и на судовите во РМ“, додаде премиерот.