Сопственикот на „Фејсбук“, Марк Закерберг, во интервју за „Си-ен-ен“ вели дека минатата година пуштиле нови алатки за вештачка интелигенција, за да откријат лажни профили што се обидуваат да шират лажни вести, и дека пронашле голем број такви профили од Македонија.
Ова е прво појавување на Закерберг во медиумите откако беше откриен скандалот со „Кембриџ Аналитика“, фирма за податоци која имала врски со кампањата на претседателот на САД, Доналд Трамп во 2016 година. Фирмата наводна имала пристап до информации на повеќе од 50 милиони „Фејсбук“ корисници без нивно знаење.
Закерберг се извини за скандалот и потенцираше дека „Фејсбук“ вложува напори за да спречи мешање во изборите во 2018 година.
– Во 2017 година, за време на изборите за Сенатот во Алабама, пуштивме нови алатки што ги направивме за да откриеме лажни профили кои се обидуваа да шират лажни вести и пронајдовме многу различни профили од Македонија. Треба напорно да работиме за да им отежнеме на земји како Русија да се мешаат во избори и да направиме тролови и други луѓе да не можат да шират лажни вести – вели Закерберг во интервјуто.