Во Музејот на современата уметност во Скопје е отворена изложбата со дела на македонски автори од 70-те и 80-те години. Во презентацијата се вклучени 52 автори, преку 80 дела. Дел од изложените дела се во сопственост на МСУ, и еден дел се позајмени од Националната галерија Македонија, од Музејот на град Скопје и дел од приватни колекции.
„Идејата на ова проектно размислување, како дел од серијата проблемски изложби е да ги открие и зближи преодните предизвикувачки преобразби, делумно започнати во 60-те години, акцентирани преку 70-те години и на некој начин вклопени во 80-те години. Продолжетокот на ваквите размислувања се битни и за 90-те години, бидејќи самата промоција на промените ја актуализираше возбудливата и транспарентна ликовна сцена кај нас“, вели кураторка на изложбата Марика Бочварова Плавевска.
Се работи за мултимедијален проект, во кој се застапени сите ликовни медиуми и во поставката изложени се дела од: Родољуб Анастасов, Тодорче Атанасов, Томе Аџиевски, Виолета Блажеска, Богдан Грабулоски, Владимир Бороевиќ, Жанета Вангели, Васил Василев…
Поставката насловена „Главните пунктови на македонската ликовна уметност во 70-те и 80-те години“ ќе биде отворена до септември годинава.
Кустос – соработник е Благоја Варошанец.