Интер е првиот италијански клуб што ја напушти Суперлигата, а денеска истото го направи и Атлетико Мадрид. Уште синоќа премиерлигашите (Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Ливерпул, Челси, Арсенал и Тотeнхем) го напуштија проектот.
Интересно е тоа што во соопштението на „нераѕурите“ нема признавање на грешката да се вклучи во Суперлигата. Интер очигледно и натаму верува дека проектот бил добар за фудбалот и неговиот развој.
„Интер потврдува дека повеќе не е дел од проектот Суперлига. Ние секогаш сме посветени да им го овозможиме на навивачите најголемото фудбалско доживување. Инклузијата и иновацијата секогаш се во нашата ДНК уште од формирањето на клубот. Нашата посветеност со сите инволвирани страни за да се подобри фудбалот никогаш нема да се промени. Интер верува дека фудбалот, како и секој сектор, мора да има интерес за постојано подобрување на своите натпревари, во рамки на финансиска стабилност. Со оваа визија продолжуваме да работиме заедно со институциите и со сите инволвирани страни за доброто на играта што сите ја сакаме“, стои во соопштението на Интер.
За разлика од Интер, дел од англиските клубови излегоа со извинување до своите навивачи за обидот да формираат Суперлига.