опственичката на прилепската конфекција со мешовит македонско-англиски
капитал „Комфи Ангел“,Ирена Јакимоска од денеска е избрана за претседател
на Управниот одбор и на Регионалната канцеларија на Стопанската комора за
Прилеп. Јакимоска доаѓа на местото на Симон Наумоски, врвен стопанственик,
еден од сопствениците на брендираната компанија во прехранбената
индустрија „Витаминка“ од Прилеп.

Оваа кадровска смена се случи на денешната пленарна седница на УО на
Регионалната канцеларија на комората во Прилеп, кога беа верифицирани и
мандатите на неколкумината нови в.д. директори на прилепските јавни
претпријатија.

Досегашниот претседател на СК-Прилеп, Наумоски посочувајќи дека повеќе од
дваесет години ја извршува функцијата, истакна дека се постигнати завидни
резултати со тимот со којшто соработувал.

„По повеќе од дваесет години раководење со Управниот одбор на
Регионаланата стопанска комора, одлучив да се повлечам од оваа функција од
повеќе причини. Пред сè годините кои тоа ми го наложуваат, а имаме многу
млади кадри. Ценев дека сосема успешно ќе ме заменат на оваа позиција и
затоа се повлеков. Лично сум преблагодарен, зошто работев со многу силен
состав на Управниот одбор, секогаш беа комплетно присутни на седниците,
секогаш беа многу актуелни во своите настапи, предлагања и решенија по
актуелни стопански теми поврзани со општината и пошироко. И тоа што
остануваат како членови на Управен одбор верувам дека ќе бидат од корист и
ќе придонесат и понатаму Управниот одбор на Регионаланата стопанска
комора во Прилеп да продолжи со новиот претседател успешно“, рече
Наумоски, при примопредавање на функцијата на својата колешка, инаку една
од најдобрите жени менаџерки на Македонија според агенцијата „Марили“,
Ирена Јакимоска.

„Благодарам пред сè на довербата искажана од страна на членовите на
Управниот одбор и секако од поддршката на, за мене лично, секогаш
претседател на Регионалната комора во Прилеп, Наумоски. Имено ова не го
кажувам проформа, го кажувам најискрено, бидејќи нема да биде едноставно
да се продолжи со нешто, што толку години било работено и поставено на
правилни постулати и многу успешно. Не сме најдобри, но сме најдобрата
регионална комора во рамките на семејството на Стопанската комора на РМ.
Ова е еден голем предизвик за мене од причини, што секогаш треба да бидеме
подобри и да одиме напред. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата и
заедно во соработка со локалната самоуправа предводена од градоначалникот
Илија Јованоски ќе бидеме уште поуспешни во намерите“, рече Јакимоска,
новоизбраната претседателка на Регионалната комора во Прилеп.

Градоначалникот Илија Јованоски беше гостин на пленарната седница на
Регионаланата стопанска комора на која се избра новото раководство.

„Денеска сум дел од елитата на прилепското стопанство, економија и особено
ми е мило што присуствував на изборниот состанок на кој Регионалната
стопанска комора во Прилеп го доби новиот претседател. Задоволство ми
беше да го слушнам испраќањето на досегашниот претседател, г-дин Симон
Наумоски кој доброволно замина од оваа функција после дваесет години, како
и на регионалниот директор, Најдоски кои одлично ја водеа оваа комора.
Сакам во оваа прилика да и честитам на сегашната претседателка г-ца Ирена
Јакимоска, која е млад стопанственик и менаџер, но со големо искуство. Се
надевам дека кога веќе се поставени темелите,таа ќе продолжи да ја води оваа
комора и да покаже што подобри резултати. Општина Прилеп ќе направи сè
што е во нејзина надлежност, да ги реши сите проблеми доколку постојат, а се
поврзани со инфраструктурата, планската документација, за се како Општина
стоиме на располагање“, порача градоначалникот Јованоски.

На денешната седница беше именуван и Горан Попоски за извршен директор
на Регионалната стопанска комора. Тој доаѓа на местото на Ристо Најдоски.

„Најпрво сакам да се заблагодарам на досегашниот претседател г-дин Симон
Наумоски за неговиот досегашен придонес во успешното работење на
комората, а воедно да ѝ честитам на новата претседателка, Ирена Јакимоска и
да ѝ посакам успешна соработка. Како нов извршен директор на Регионаланата
стопанска комора е голем предизвик за мене, бидејќи досегашниот
претседател постави високи критериуми во однос на работата на комората. Ќе
се трудам со сите мои можности и знаења да ја оправдам довербата, да ги
унапредиме активностите и секако да ја продолжиме соработката со Локалната
самоуправа“, рече Попоски.

Управниот одбор денеска беше дополнет со уште два нови члена,
претставници на компаниите „Марфил“ и „Акомпласт“. Покрај Сашо
Самарџиоски за втор заменик – претседател е назначена Јасна Петрушевска
од Мермерен комбинат. Управниот одбор очекува наскоро да биде проширен
со уште еден член, претставник на компанијата „Гентерм“.