„Исцелител“ ќе се прикажува на 8. издание на престижниот меѓународен филмски фестивал во Пекинг (BIJFF). Филмот ќе ја има својата кинеска премиера во официјалната натпреварувачка програма Forward Future на 23 април.
Меѓународниот филмски фестивал во Пекинг е основан во 2011 година. Следејќи го сè поголемиот интерес за меѓународни филмови на публиката во Кина во последната деценија, фестивалот се обидува да обезбеди висококвалитетен и престижен настан за интеракција на кинеската и светската филмска индустрија. Во последните три години фестивалот во Пекинг го следеле повеќе од милион посетители.
Многубројни холивудски актери и режисери присуствувале на неговите проекции. Некои од познатите личности што минатите години го посетиле фестивалот се: режисерите Џејмс Камерун, Лук Бесон, Оливер Стоун и Дарен Аранофски, актерите Кијану Ривс и Жан Рено, актерката Натали Портман и други.
Оваа година претседател на жирито е легендарниот Вонг Кар-Ваи, авторот на култните „Расположени за љубов“ и „Чанкинг експрес“, а член на жирито е Рубен Остлунд, режисерот на минатогодишниот добитник на „Златна палма“, филмот „Квадратот“. На фестивалот ќе се прикажат повеќе од 500 филма, а во склоп на фестивалот ќе се одржат и денови на филмската индустрија, изложби и ретроспективи.
Ова е премиерно прикажување во Кина на „Исцелител“.