Во светот нема многу луѓе што може да си дозволат да променат име на држава, но кралот Мсвати Трети може, пишува Би-би-си. Со оглед на тоа што е еден од апсолутните монарси, кралот во четвртокот одлучил државата Свазиленд отсега да се вика Кралство еСватини, што е нејзино историско име.
Ваквата одлука кралот ја објави на стадион по повод 50-годишнината од независноста на државата и неговиот роденден. Новиот назив еСватини значи земја Свази.
Промената на името на државата е неочекувана, но кралот ова име го користи во јавноста веќе подолго време, особено кога се обраќа пред Генералното собрание на Обединетите нации. Светските агенции пишуваат дека Швајцарија сега може да биде мирна бидејќи често се случувало во интернет-комуникацијата да се мешаат имињата на овие две земји.
Мсвати Трети веќе 25 години владее со единствената африканска апсолутистичка монархија во која живеат 1,2 милион жители. Со уставот усвоен во 2006 година се забрануваат активности на политичките партии, а Мсвати има имунитет од прогон и право да одлучува за законите.
Кралот е познат по луксуз и полигамија, а 40 проценти од сиромашната популација се заразени со ХИВ. Просечниот животен век во Свазиленд е само 32 години, а 70 проценти од населението живее со помалку од еден долар дневно.