Основниот суд Скопје 1 од денеска ќе фунцкионира во новиот објект во кој има 25 судници и подобри услови за работа.
Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев обраќајки се на денешното официјално отворање на објект на судот рече дека новата зграда ќе ги задоволи сите потреби на судот за водење секаков вид и разни по големина постапки и додаде дека она што треба вработените во судот да го направат е да ја сменат сегашната перцепција на граѓаните и јавноста за судот.
– Сите заедно да направиме граѓаните и јавноста судот да го посочуваат единствено како гарант на правдата и правичноста. Гарант дека постои правна држава. Гарант за еднаковост на сите пред законите. Гарант дека на невините ќе им биде гарантирана слободата, а криминалот ќе биде санкциониран – истакна Џолев.
Објектот се отвора на Денот на правосудството. Заменик министерот за правда Оливер Ристовски честитајќи го Денот на правосудството потсети дека темелот на судството во Република Македонија е удрен на овој ден во 1945 година.
– Со денешниот чин отвораме ново поглавје во интегрираното функционирање на судскиот систем. Од денеска судењата за кривичните, но и за прекршочните предмети нема да бидат во различни згради, на различни локации во Скопје. Со оваа нова зграда Македонија прави крупен исчекор во осоворменувањето и зголемувањето на ефикасноста на правосудниот систем – потенцира Ристовски.
Тој порача дека Владата останува посветена на реформите во правосудниот систем.
Изградбата на новата зграда на Кривичниот суд во Скопје почна во мај 2010 година со поддршка на Светска банка.
Основниот суд Скопје 1 Скопје е основан со Повелба на Президиумот на АСНОМ за устројство на редовните судови во Македонија од 31.03.1945 година. Повелбата претставува прв Законодавен акт на првиот Законодавен орган создаден во текот на НОБ, со кој се утврди постоењето на 25 општински судови, три обласни суда и Врховниот суд на Македонија.
Во својот почеток овој суд бил сместен во бараки кои се наоѓале од спротива на Градежниот факултет во Скопје и пазарчето „Буњаковец”, каде останува се до 1972 година кога се преселува во сегашните простории на булевар „Гоце Делчев” б.б.