Куќен притвор за Драги Рашковски, несмее да користи телефон и компјутер

44

Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје по барање на обвинител за организиран криминал и корупција за мерка притвор, на поранешниот генерален секретар во Владата Драги Рашковски му одреди мерка куќен притвор. Покрај ова, забрането му е додека ја издржува мерката, да користи телефонски и електронски комуникации и да комуницира со другите осомничени.

Истоветни мерки судијата им одредил и на второосомничениот во истрагата за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци. Останатите лица опфатени во постапката, судот ќе ги повика и за нив одлучува друг ден.

Според судот, обвинителот побарал притвор поради опасност од бегство, затоа што осомничените се имотни, а не приложил докази пред судијата на претходна постапка. Куќниот притвор и забраната за комуникација се изречени поради опасност од бегство, влијание врз сведоците и попречување на истрагата.

„Во предлогот обвинителот не приложил докази во поткрепа на основите на сомнение заради кои се бара притвор, односно не приложил доказ дека осомничените се имотни и доказ како осомничените влијаеле или ќе влијаат на истражната постапка“, укажува Кривичниот суд.

Рашковски и второосомничениот се осомничени за злоупотреба на службена положба и овластување по чл.353 ст.5, за кое дело е пропишана затворска казна од најмалку 5 години.

Додека бил генерален секретар на Владата, тој набавил софтвер за сообраќајни прекршоци од 81.000 евра кој никој не го користи. Рашковски на 12 април си поднесе оставка од функцијата Секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата и на стратешки проекти.

„Во временскиот период од јануари 2019 година до јули 2020 година, првоосомничениот како службено лице, помогнат од останатите осомничени лица, со умисла извршил три временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер, првоосомничениот ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка. Четвртоосомничениот како надворешен соработник пренесувал информации за текот на постапката на осомничените – учесници во јавната набавка. Во текот на постапката за јавната набавка наместо комуникацијата да се извршува со користење електронски средства преку Електронскиот систем за јавни набавки, со цел фаворизирање на конкретен економски оператор првоосомничениот лично ги дефинирал техничките спецификации што упатуваат на патентот. На 02.01.2020 година, првоосомничениот донел Одлука за избор на најповолен понудувач за економскиот оператор каде сопственик и управител е второосомничениот и бил склучен Договор за набавка на услуги. Во јули истата година економскиот оператор доставил фактура на износ од 4.997.300,00 денари со вклучен 18% ДДВ, па иако софтверот не бил имплементиран, фактурата во рок од седум дена била исплатена“, кажаа од Обвинителството.

Летото 2019 година, првоосомничениот Рашковски донел уште две одлуки за јавна набавка на работи за потребите на софтверот иако во тоа време сѐ уште не бил склучен договор за набавка на таков софтвер. Со избраните економски оператори како најповолни понудувачи биле склучени договори на износ од 1.416.000,00 денари со вклучен 18% ДДВ и од 4.605.021,00 денари со вклучен ДДВ.

Со незаконските јавни набавки, осомничените се стекнале со противправна имотна корист на штета на Буџетот на РСМ во вкупен износ од 11.018.321,00 денари.

 

Извор: СДК