Женската репрезентација на Македонија вечерва во СРЦ „Кале“ го совлада тимот на Фарски Острови со 28:24 (14:8) во квалификациите за ЕП 2018, и со тоа ја забележа втората победа во овој циклус.

„Црвено-жолтите“ пред четири дена го совладаа истиот противник на гости со 15:22 и со овие две победи теоретски остануваат во игра за пласман на европското во Франција.

Македонија поведе и не го испушти водството до крајот на натпреварот. На моменти имавме и поубедлива предност, но на крајот нашите ракометарки се опуштија, по што гостите си заминуваат со пораз од само четири разлика.

Јована Саздовска со седум и Елена Ѓоргиевска со шест гола беа најефикасни во македонската репрезентација, а Драгана Петковска беше солидна на голот и запиша 11 одбрани.

Шведска и Србија се на првите две позиции во групата со по шест бода по првите 4 кола, Македонија е трета со четири, а Фарски Острови се последни без освоен бод.

Македонија следниот меч од овој квалификациски циклус го игра на 30 мај во Скопје, кога ја пречекува репрезентацијата на Шведска, а во последниот меч и гостува на Србија на 3 јуни.

Пласман на континенталниот шампионат во Франција обезбедуваат првите две репрезентации од секоја група и најдобрата третопласирана селекција.