Здравствен дом на Скопје – Скопје ги известува граѓаните и пациентите дека службата на Итната медицинска помош при поликлиниката Букурешт е целосно функционална, уште од синоќа во ноќните часови, кога се случи испадот во една од трафостаниците, поради што беше доведено во прашање снабдувањето на објектите на поликлиниката со електрична енергија.
Соопштуваме на граѓаните и пациентите дека поради голем дефект на трафостаницата, прегорен кабел, како што сме информирани од техничките екипи коишто работат на теренот, објектот на поликлиниката Букурешт е се уште без напојување со електрична енергија, но закажаните прегледни преку Мој термин овозможивме да се реализираат во други поликлиники. Саботното дежурство на специјалистичките служби ќе се реализира во поликлиниката Битпазар од 8 до 16 часот. За реализацијата на прегледите, граѓаните и пациентите може да се информираат на телефонските броеви: 075 369575; 070 350758 или лично во поликлиниката Букурешт.
„Ниеден пациент нема да остане без преглед. Сите пациенти и граѓани кои имаат закажано преглед во поликлиниката Букурешт, ќе може да го реализираат прегледот кај друг специјалист во друга поликлиника, за што отворивме линии за навремено информирање и тоа ќе се спроведува така до конечното отстранување на дефектот. Службата на Итната медицинска помош работи без проблеми. На дефектот во трафостаницата се работеше во текот на целата ноќ и очекуваме негово брзо санирање, колку што го дозволуваат тоа временските услови. Во меѓувреме, синоќа и во текот на целата ноќ, навреме, презедовме `се што е потребно за префрлување на вакцините, на инсулините и на биохемиските реагенси на безбедни локации во другите поликлиники, со што спречивме какви било материјални штети или оштетување на здравствените препарати“, ја известува јавноста Д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом на Скопје – Скопје.